Чешките заедно со словачките и австриските земјоделци, ги блокираа граничните премини
Чешките земјоделци со стотици трактори и комбајни денеска два часа ги блокираа граничните премини, каде што се сретнаа со земјоделците од соседните земји во знак на протест против увозот на земјоделски производи од земјите надвор од Европската унија, пред се од Јужна Америка и Украина, но и од САД.
На граничниот премин Ходонин, земјоделците од Австрија, Унгарија, Словачка и Чешка заедно протестираа и со неколку десетици трактори го блокираа патот од Чешка кон Словачка.
-Како може европски земјоделец да се натпреварува со земји кои имаат поевтин гас и струја, каде платите се неколку пати помали од овде? Не сакаме да ја ограничиме слободната трговија, но сметаме дека договорот е неправеден, рече Мартин Пиха, претседател на Сојузот на земјоделци на Чешка, кој го организираше протестот со Земјоделската комора.
Денешниот протест на европските земјоделци како едно од главните барања го има увозот од земји надвор од ЕУ, исто така, да ги почитува строгите стандарди за производство и употреба на пестициди, додатоци и лекови, како што се хормоните за раст, кои важат во Унијата, а кои генерално не ги исполнуваат производите од Украина, земјите од Латинска Америка, но и од САД.
Покрај граничните премини, чешките земјоделци со своите трактори излегоа и на патиштата во внатрешноста, обидувајќи се што помалку да го отежнат сообраќајот.
Чешкиот министер за земјоделство, Марек Виборни денеска изјави дека не разбира зошто земјоделците протестираат кога договорот со јужноамериканските земји поврзани со Меркосур се заснова на квоти, додека производите што ја надминуваат квотата подлежат на царини како и досега.
-Ако во Европа имаме одредени ограничувања за производите за заштита на растенијата, пестицидите или додатоците во исхраната, логично е, и јас целосно се согласувам, дека и земјоделците во САД или Латинска Америка мора да ги исполнат овие услови, рече министерот.