Центар за граѓански комуникации: За две години, државните институции набавиле нови возила за 8,5 милиони евра

За две години, 2023 и 2024, државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг. Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели, покажуваат резултатите од истражувањето што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавните набавки на возилата.

Центар за граѓански комуникации: За две години, државните институции набавиле нови возила за 8,5 милиони евра

 За две години, 2023 и 2024, државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг. Меѓу нив се и 45-те владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели, покажуваат резултатите од истражувањето што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавните набавки на возилата.

Истражувањето открива дека најскапо набавено возило од 55 илјади евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра.

– Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра. Омилен бренд на функционерите им е Шкода, од која е набавено секое трето возило. Најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија. На дури 70 % од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда, а најголема вкупна вредност на склучени договори имаат фирмите Порше лизинг и Аутомотив груп, секоја по околу 2,8 милиони евра за две години, покажуваат резултатите од истражувањето.

Во објавеното истражување од Центарот за граѓански комуникации се наведува дека во 2023 и 2024 година, државните институции набавиле 269 нови патнички возила и за нив потрошиле 8.543.658 евра. Дел од институциите ги купиле возилата, а друг дел ги набавиле на лизинг, најчесто оперативен, што значи дека по истекот на периодот на лизингот треба да ги вратат, иако за возилата плаќаат како да ги купиле. Нови возила набавиле 44 институции, а склучени се вкупно 72 договори за јавни набавки. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра.

– Најскапи возила, од по 55 илјади евра, набавиле: Општина Шуто Оризари, Државна видеолотарија, Општина Битола и Комуналец Кавадарци. Убедлив рекордер ќе беше Општина Прилеп која во декември 2024 година склучила договор за набавка на лизинг на возило од 63 илјади евра. Но, како што тврдат од општината, договорот е раскинат во февруари оваа година и возилото не е земено. Сепак, на Електронскиот систем за јавни набавки не е објавено раскинувањето на овој договор, се вели меѓу другото во истражвуањето.

Анализата ги опфаќа возилата кои се набавени во текот на 2023 и 2024 година, и се однесува само на патничките возила, а не и на комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила. Сепак, се додава во објавеното истражување, во базата на податоци за овие набавки којашто е дел од истражувањето, освен за патничките, се наоѓаат и договорите за набавка и на комерцијалните и на половните возила.

– Поединечно по институции, најмногу возила набавиле Електрани на Северна Македонија, 82 возила за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила, има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи, за набавката на лизинг на 45 возила, секое по 50 илјади евра. Следно на листата е Министерството за внатрешни работи, кое набавило вкупно 28 возила за 900 илјади евра. По повеќе од половина милион евра за нови возила потрошиле Агенцијата за национална безбедност, за набавени 23 возила, и Водостопанство, за набавени 15 возила, соопштија од Центарот за граѓански комуникации.

Шкода е „омилена“ марка на функционерите дури 90, односно една третина од сите набавени возила во двегодишниот период на анализа, од марката „Дачиа“ се набавени 78 возила. Следна марка според бројот на набавени возила е „пежо“, со продадени 45 патнички автомобили.

Во истражувањето за периодот 2013-2015 година, просечната цена на набавените службени возила изнесувала околу 16 илјади евра, а во последните две години, просечната цена на набавените возила изнесувала околу 32 илјади евра.

Како што стои во објавеното истражување од Центарот за граѓански комуникации посебно внимание предизвикува набавката на т.н. владини возила, односно возилата на највисоките функционери во државата што ги набавува Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Почнувајќи од 2012 година, се посочува, СОЗР ги набавува овие возила во коишто се возат највисоките државни функционери по пат на т.н. оперативен лизинг, односно ги изнајмува за период од три години по којшто ги враќа и набавува нови.

– Последната ваква набавка се спроведе минатата година, кога беа набавени 45 возила по цена на лизингот за едно возило од 50.437 евра. И овој пат се набавија возила од марката Шкода Суперб. За прв пат откако Владата набавува вакви возила според оваа постапка, просечната цена на едно возило достигна рекордни 50.437 евра. Според информациите од владината Служба за општи и заеднички работи, 45-те Шкоди Суперб земени на тригодишен лизинг по цена од 50.437 евра за едно возило, ги користат највисоките сегашни и поранешни функционери во државата, се вели во истражвуањето и се додава дека ги користат едно возило претседателката на државата, четири возила поранешните претседатели на државата, три возила Собранието на Северна Македонија, едно возило користи претседателот на Уставниот суд. Владата на Северна Македонија користи пет возила, поранешните премиери Талат Џафери и Димитар Ковачевски користат две возила, замениците на премиерот и владините министри користат 22 возила, шефот на кабинетот на Премиерот, генералниот секретар на Владата, заменикот генерален секретар на Владата и директорот на Служба за општи и заеднички работи, користат по едно возило и Служба за општи и заеднички работи користи три возила.

Според информациите од СОЗР, четирите возила за поранешните претседатели ги користат Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Вилма Трајковска и Стево Пендаровски.

Трите возила за Собранието, стои во истражвуањето, ги користи претседателот на Собранието, Африм Гаши при што едното возило е за него, а другите две се за неговиот „ескорт“.

– Од петте владини возила, три се за премиерот, односно едно за него и две за неговиот „ескорт“ и две се за владиниот протокол. Трите возила на СОЗР, пак, се користат од Секторот за превоз и одржување на моторни возила, за „опслужување на странски делегации министерства“, соопштија од Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето е спроведено врз основа на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки и од податоците добиени од државните институции. Во истражувањето, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации ,се опфатени само набавките на патнички возила и не се опфатени т.н. комерцијални возила, односно товарните, работните и возилата од технички карактер. Исто така, вклучени се само новите возила, а не и набавените половни возила.

Back to top button
Close