(Видео)Калајџиев: Власта се обидува да се спаси од сопствената одговорност за пожарот во Кочани

 

Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, гостин е Гордан Калајџиев, професор по кривична постапка и казнено право. Во разговорот, тој се осврнува на истрагата за трагедијата со пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани, кој однесе над 60 човечки животи. Според Калајџиев, последните случувања ја потврдуваат тезата дека истрагата е контаминирана со дневна политика и селективност, а власта оди подлабоко и пошироко со истрагата во обид да се спаси од сопствената одговорност и да покаже ефикасност во остварување на ветувањето за борба против корупцијата и криминалот.

„…Власта преку МВР, и сега јавниот обвинител, како нивни слуга, се обидуваат да покажат некаква голема ефикасност. На две полиња се обидуваат да постигнат резултат. Првото е да се спасат од сопствената одговорност, најмалку политичка и морална, а веројатно за некои од нивните редови и правна…На некој начин, се обидуваат, колку одат подлабоко и пошироко, да покажат ефикасност и да најдат виновници што ќе ја задоволат јавноста. Како за конкретната одговорност, така и на втор план, поврзано со ова, околу позицијата што ја имаат, особено врзана со претстојните локални избори, да покажат резултати демек, на ова поле кое што ветуваа, борба со корупција и криминал. Затоа што, знаеме дека на планот на евроинтеграции и на планот на економија и некои други полиња, практично немаат очигледни резултати. Напротив, има закочувања на многу процеси. И на некој начин, индиректно, и на овој план се обидуваат да се спасат“,  оцени тој.

Калајџиев смета дека овие „гимнастики на кривично-правен план“ се многу спорни бидејќи се креира мега – процес,  кој тешко ќе може да се разреши и да се утврди објективна одговорност во однос на тоа што го бара законот.

„На кривично-правен план ова се големи гимнастики, невообичаени, секој правник тоа ќе ви каже и, во крајна линија, не ветуваат резултати коишто они би сакале да ги постигнат. Бидејќи, одејќи многу широко, ќе имате проблем…И од аспект на покажување на ефикасност, што е нивна повеќе политичка цел отколку правна, кога ги прават овие гимнастики, ќе биде веројатно многу спорно. Бидејќи, и такви мега – процеси на голем број сообвинети, коишто се споени практично вештачки – не знам, се спомнува трите градоначалници, заедно вика направиле тоа и тоа – тие ништо не направиле заедно, секој во свој мандат работел, значи, они само ги гомилаат врзано со несреќата, меѓутоа одат многу наназад и многу широко. Практично, надвор од она што е вообичаено и што е предвидено со казненото право…И тоа кога ќе се процесуира случајот, ќе го развлече“, објасни Калајџиев.

Оттука, фокусот на пропусти кои се индиректно поврзани со последицата од години наназад, а притоа избегнување на пропустите во моментот на случувањето на несреќата, како бројката на малолетни лица во локалот и употребата на пиротехнички средства во моментот кога била присутна полиција на настанот, според Калајџиев е неуспешен обид за избегнување на одговорноста.

„Актуелните пропусти се повеќе од очигледни и, тука не треба ни да сте голем експерт, ниту да имате голема мака во прибирањето на тие докази…На крај, сакајќи вака да се извади на друг начин, со гонење надвор од законските рамки, на луѓе што можеби имале пропусти, ама сигурно не се виновни директно за последицата, тешко дека ќе можат да ја завршат таа операција на избегнување на одговорноста така успешно“, посочи тој.

Генерално, според Калајџиев, целата приказна, под притисок на политиката и јавноста, се поставува нефер спрема обвинетите, кои можеби треба да одговараат правно, политички или морално за пропусти од друг вид, што се врзани со нивото на професионалност, но не е соодветно да се гонат кривично како за активно, умислено предизвикување на трагедијата и да се обвинат за општествени пропусти.

„Ние гледаме од контролите што следеа, па и знаеме и самите во објектите кај што се движиме, кај што работиме, кај што живееме, сé уште нема соодветна опрема…Знаеме дека и на овој план и на други планови, ние со години наназад сме живееле супстандардно како последица на некакви системски слабости…Сакам да кажам дека имаме определена вина како општество и сега на некој начин, колку и тоа да изгледа сега глупо да го каже човек, е малку и нефер да најдеме сега група на луѓе коишто ќе ги врземе бар некако со овој настан и тие да ги избереме да ги казниме за пропусти што во крајна линија ние сме ги правеле како општество. Значи, сосема е различно она кај што има конкретна одговорност на конкретен пропуст, умислени работи. Кривичното дело впрочем е и замислено како еден активен пристап првенствено. Нели вика, тој што со пожар, со уништување на брани ќе предизвика активно, директно ќе проузрочи опасност за луѓето. Ова индиректно, со тоа што стандардите за објектите биле супстандардни, не е смислата ни на казнената одредба, и луѓето мислам и дека не можат да одговараат за таа последица“, заклучува Калајџиев.

Погледајте и слушнете повеќе за оваа тема во видео шорткастот „Што има ново?“.

 

Back to top button
Close