Шведската полиција по приватни куќи го бара убиецот што застрела три лица во фризерски салон
Три лица беа убиени во вооружен напад што се случи вчера во фризерски салон во центарот на шведскиот град Упсала, соопшти полицијата. Напаѓачот побегнал на скутер и сè уште не е пронајден.
Инцидентот се случил во близина на плоштадот Ваксала, а полицијата постави кордон околу голем дел од градот и започна истрага за тројно убиство.
Сведоци за ТВ4 изјавиле дека сè се случило многу брзо. „Се слушна само: бам, бам, бам“, раскажал еден очевидец. Друг сведок рекол дека слушнал два истрели кои звучеле како огномет додека бил дома и готвел, по што улиците биле преплавени со полиција и итна помош кои ги предупредувале граѓаните да се скријат.
Според информациите на шведската национална телевизија SVT, една од жртвите била под истрага поради сомнение за планирање напад врз роднина на водач на банда.
Нападот се случи непосредно пред прославата на Валпургиската ноќ, традиционален пролетен фестивал што секоја година привлекува илјадници посетители во Упсала, познат универзитетски град.
Како дел од потрагата, привремено бил прекинат железничкиот сообраќај за да се спречи можно бегство на сторителот, потврди портпаролот на полицијата Магнус Јансон Кларин. Во акцијата е вклучен и полициски хеликоптер.
Потоа возовите биле повторно пуштени, а полицијата започна да оди од врата до врата за да собере нови сведоштва.
Шведскиот министер за правда, Гунар Стромер, нападот го нарече „брутален акт на насилство“. Полицијата соопшти дека разбира зошто граѓаните се загрижени во пресрет на фестивалот, но дека засега индикациите се дека станува збор за изолиран инцидент и дека нема закана за јавноста.
Во февруари годинава, во сличен напад во едукативен центар во градот Ербру беа убиени десет лица.