Како Турција ја аргументира забраната за царски рез

„Медицинските центри повеќе не смеат да прават планирани царски резови“. Ова се наведува во прописот објавен во Службен весник на Турција на 19 април. Одлуката на Министерството за здравство е јасна: царските резови во иднина се забранети, освен ако не се медицински неопходни.

И на установите во Турција кои немаат свои операциони сали им е забрането да отвораат акушерски одделенија. Дополнително, новата регулатива пропишува дигитална документација на податоците за пациентите и ги обврзува здравствените установи на современи стандарди, кога станува збор за безбедноста и транспарентноста на податоците. Редовните прегледи треба да гарантираат дека медицинските третмани се во согласност со научните упатства.

Овие построги правила на Министерството за здравство во областа на акушерството со денови предизвикуваат жестоки полемики во Турција.

Царските резови сè уште се многу чести

Извори блиски до владата тврдат дека бројот на царски резови и онака е во опаѓање, иако овој аргумент не е поткрепен со статистиката. Во реалноста, бројот на царски резови во Турција далеку го надминува европскиот и просекот на ОЕЦД. Во 2017 година Турција беше на врвот на глобалната статистика. Според податоците на ОЕЦД, процентот на царски резови во 2018 година бил 51,9 отсто, додека во 2022 година е зголемен на 57,2 отсто.

Во Европската унија, трендот е многу поумерен: во земји како Шведска, Холандија и Франција, процентот на царски резови е само малку зголемен. Европскиот принцип е: царски рез само кога е медицински неопходно и секогаш во дијалог помеѓу лекарот и родилката. Европскиот суд за човекови права, исто така, повикува на строги стандарди при ограничувањето на изборот на метод на раѓање за да се заштити правото на одлука за сопственото тело.

бремена жена
Критичарите го обвинуваат турското Министерство за здравство дека го поткопува правото на жените на самоопределувањеФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

„Најмалку три деца“ – по природен пат?

Додека многу земји се залагаат за поголеми права на одлучување за жените, Турција оди во спротивна насока. Исламско-конзервативната влада на претседателот Реџеп Таип Ердоган предизвикува бура од реакции со оваа нова иницијатива. Повеќе од 23 години тој спроведува таканаречени „семејно ориентирани“ политики, кои многу феминистки ги критикуваат како мизогини.

Ердоган уште во 2008 година ги повика Турчинките „да имаат најмалку три деца“, што предизвика големи контроверзии и тогаш, како и денес. Целта, според шефот на државата, е да се спротивстави на демографските промени и стареењето на населението. Ердоган во 2012 година, исто така изјави: „Сакаме да ја подигнеме религиозната младина“ и оттогаш многупати ја повтори таа цел. Со прогласувањето на 2025 година за „Година на семејството“, владата сега сака да ги стави традиционалните исламски вредности во центарот на својата семејна политика и да го промовира семејството како основа на општеството.

лого семејство
Владата на Ердоган ја прогласи 2025 година за „Година на семејството“. На официјалното лого се прикажани мајка, татко и нивните три деца.Фотографија: Ministerium für Familie und Soziales

„Излезете веќе од нашата спална соба!“

Организациите за правата на жените остро ја критикуваат регулативата. „Дебатата за царски рез е водена од мизогинистички дискурс и мерки кои имаат за цел да ги обвинат жените и да ја преземат контролата врз нивните тела. Пристапот што ги принудува жените да раѓаат и пропишува какви мајки треба да бидат е напад на нивното право сами да одлучуваат за своето тело, плодност и живот. Улогата на државата не е да им диктира на жените правила како ќе раѓаат“, порачуваат од  организацијата за правата на жените Mor Çatı во разговор за ДВ.

Канан Гулу, претседателка на Федерацијата на женски здруженија на Турција (ТКДФ), смета дека оваа регулатива претставува јасно кршење на турскиот устав, меѓународните конвенции и основните човекови права. „Уставот на секој човек му гарантира право на живот, како и заштита и развој на неговиот или нејзиниот физички и психолошки интегритет“, вели Гулу.

Мешањето во одлуката за начинот на породување е директен напад врз физичката независност на жената и нивното право на здравје. „Присилното мајчинство, принудното породување, забраните за царски рез – сето тоа длабоко го нарушува правото на жените на самоопределување. Ние ќе го браниме правото на жената на телесна автономија“.

Со своите критики, Гулу се приклучува на сѐ поголемиот број гласови од граѓанското општество и женското движење кои ја гледаат владината здравствена политика како идеолошки мотивирана интервенција. Државата ги гледа жените како „машини за раѓање“, вели таа, и бара: „Доста е – излезете веќе еднаш од нашата спална соба!“

Остри критики и од опозицијата

Опозициската ЦХП исто така алармира. Ајлин Назлијака, потпретседателка на партијата задолжен за семејство и социјална политика, предупредува на последиците за жените во руралните средини: „Во многу области и села, медицинските центри се единствениот пристап до основната здравствена заштита. Ако таму веќе не се можни планирани царски резови, тоа е огромен чекор назад за безбедноста на бремените жени“.

Нејзиното предупредување е јасно: „Оваа одлука ги загрозува не само слободите, туку и животите. Одлуката за начинот на породување ја носи жената заедно со нејзиниот лекар. Тргнете ги рацете од женските тела!“ (dw.com)

Back to top button
Close