Полска: Приведен маж со нож и пиштол плашливец на протестот пред Уставниот суд

Полицијата во Варшава денеска за време на протестот пред полскиот Уставен суд, во услови на растечки политички судир околу судиите во овој суд, приведе маж кој носел нож и пиштол плашливец, јави ДПА.

Според полицијата, една жена,  дел од организираторите на протестот, го забележала 30-годишниот маж бидејќи лицето му било делумно покриено. Кога таа побарала од него да ја тргне маската, тој наводно ја удрил и побегнал.

Група демонстранти веднаш почнале да го бркаат, извикувајќи „Провокатор, провокатор!“, наведува репортерот на ДПА кој бил на лице место. Потоа, маскираното лице  било уапсено од полициски службеници кои го обезбедувале протестот.

„Се потрди дека тој носел нож, пиштол за испукување ќор-куршуми со муниција, како и значка со натпис ’обезбедување‘, чиј дизајн наликувал на полициска службена легитимација“, соопшти полицијата.

Полицајците кај него пронашле и наркотични средства, пренесе германската агенција.

Двата главни политички табори во Полска во моментов водат жестока расправија околу именувањата во Уставниот суд.

Национално-конзервативната партија „Право и правда“ (ПиС), која владееше со Полска од 2015 до 2023 година, за време на својот мандат го пополни судот со судии кои биле политички блиски до партијата.

Левоцентристичката владејачка коалиција, предводена од премиерот Доналд Туск, која дојде на власт во 2023 година, се обидува да ги поништи контроверзните промени во правосудниот систем што беа воведени за време на владата на „Право и правда“.

Актуелниот судир ескалираше по објавата на интернет-страницата на Уставниот суд, во која се наведува дека претседателот на судот, Богдан Швјенчковски, и неговиот заменик, двајцата именувани од времето на владеењето на „Право и правда“,се привремено разрешени од должноста, а судијката Ана Корвин-Пјотровска ја презема функцијата вршител на должноста претседател на судот.

Поддржувачи на опозициската „Право и правда“ и други десничарски групи од синоќа протестираат пред судот против овој потег, пренесува ДПА

Back to top button
Close