Келог: Прво прекин на огнот, а потоа мировни преговори меѓу Русија и Украина

Специјалниот пратеник на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, за Украина, Кит Келог денеска оцени дека прво треба да се постигне прекин на огнот, а потоа да се продолжи со мировни преговори меѓу Русија и Украина.

„Прво безусловен прекин на огнот за 30 дена и во тој период транзиција кон сеопфатни мировни преговори. Но не и обратно“, напиша Келог на социјалната мрежа Х.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно денеска предложи продолжување на директните преговори со Украина во Истанбул на 15 мај, без предуслови.

„Предлагаме властите во Киев да ги продолжат преговорите што ги прекинаа на крајот на 2022 година, да продолжат со директни преговори, без никакви предуслови. Предлагаме да започнат без одлагање следниот четврток, на 15 мај, во Истанбул, каде што претходно се одржуваа и каде што беа прекинати“, рече Путин во обраќањето до медиумите.

Путин се заблагодари на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за сите посреднички напори кога станува збор за решавање на украинскиот конфликт.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција е подготвена да биде домаќин на преговорите за прекин на огнот и постојан мир меѓу Русија и Украина, пренесува Танјуг.

Back to top button
Close