Студентите најавија дека преку референдум ќе се изјаснат за ваучерскиот систем, но инсистираат на поголема сума за студентскиот оброк
Претседателката на УСС при УКИМ, Ангела Василевска, вели дека за предлогот за новиот начин на субвенционирање преку ваучери ќе биде отворена платформата „Студентски референдум“, на која студентите ќе може самите индивидуално да се изјаснат. Што и да биде конечниот одговор на студентите, останува барањето за повисок износ за студентски оброк – прашање кое, како што рече, не било дискутирано на вчерашната средба со премиерот и со министерката за образование

Студентите генерално се отворени за нов систем за користење на субвенционираниот студентски оброк, но инсистираат на зголемување на сумата предвидена за оваа намена. Претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ангела Василевска, вели дека зголемувањето на сумата не било дискутирано на вчерашната средба со министерката за образование Весна Јаневска и премиерот Христијан Мицкоски.
„Го поздравуваме тоа што ќе има нов систем и што и маркетите ќе останат во новиот систем, но ние сè уште не знаеме кога ќе добиеме покачување и немаме одговор колку тоа ќе изнесува“,рече Василевска.
За предлогот за новиот начин на субвенционирање преку ваучери, како што рече, ќе биде отворена платформата „Студентски референдум“, на која студентите ќе може самите индивидуално да се изјаснат. Што и да биде конечниот одговор на студентите, вели Василевска, останува барањето за повисок износ за студентски оброк.
„Не е спорно дали ќе имаме нов систем, спорно е кога државата ќе го зголеми износот на субвенционираниот студентски оброк. Иницијативата за ова е поднесена пред повеќе од месец и половина и студентите сè уште очекуваат одговор. Ќе почекаме до следната недела, ќе го направиме и студентскиот референдум и се надевам дека државата ќе биде свесна дека на студентите им е потребен оброкот сега“изјави претседателката на УСС при УКИМ.
Во врска со вчрашната средба денеска се огласи и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која изрази уверување дека ќе се изнајде решение за барањата на студентите за зголемување на износот за студентски оброк. Рече дека за студентите генерално бил прифатлив предлогот за ваучерски систем на субвенционирање.
„Целта на овој систем е да ја користат субвенцијата за здрава храна, тоа што и е намената со законот, односно да не може да користат за алкохол, цигари и друго нешто што тие вообичаено го прават. Ќе може да го користат секаде каде што ќе се утврдат одредени оператори кои ќе им продаваат исклучиво храна“,изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања.
Во овој момент, додаде таа, се очекуваат одговори од студентските организации во врска со ова прашање.
„Зголемување секако ќе има, која ќе биде сумата, дополнително ќе се договориме. Секако ќе најдеме решение и верувам дека на крајот сите ќе бидеме задоволни од исходот“рече министерката.
Студентите денеска на средба со Јаневска и Мицкоски – ќе разговараат за зголемување на студентскиот оброк
На почетокот на академската година студентските организации до МОН поднесоа иницијатива дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 140 денари да се зголеми на 200 денари.





