Дводневен неформален состанок на шефовите на дипломатиите на НАТО во Анталија
Зајакнувањето на безбедноста и зголемувањето на трошоците за одбраната ќе бидат главни теми за дискусија на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што денеска и утре ќе се одржи во турскиот град Анталија.
Состанокот почнува доцна попладнево, по што ќе следи вечера што за неговите колеги ќе ја организира домаќинот на собирот, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Работниот дел од состанокот е предвиден за утре, кога министрите ќе го одржат неформално заседание на Северноатлантскиот совет, со кое ќе претседава генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Според дипломатски извори, се очекува на состанокот министрите да се произнесат за идејата на САД за нов план за зголемување на трошоците за одбраната на ниво од пет проценти од БДП и за можностите за негово остварување. Истите извори посочуваат дека од изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, 20 членки на НАТО веќе ветиле дека ќе ги зголемат своите буџети за одбрана.
Ставот на Американската администрација е дека „пет проценти не е само бројка, туку е неопходност за безбедноста“ на Алијансата, која се соочува со значителни закани и затоа мора да биде подготвена директно да се соочи со нив.
Според Вашингтон, тоа ниво на одбранбени инвестиции е неопходно за да се овозможи сојузниците да имаат капацитет да одвраќаат, да ја бранат Алијансата и да придонесат за колективната одбрана.
– Иако инвестирањето од пет проценти е клучно, само парите нема да ја овозможат безбедноста што ни е потребна. Без способна одбранбена индустрија што произведува она што им треба на нашите војски за да не чуваат безбедни, тие пари навистина не значат ништо и ќе бидат потрошени на непотребни работи, како што е инфлацијата, посочуваат дипломатските извори.
Од тие причини, според нив, членките на НАТО треба да го следат примерот на САД и да го зголемат одбранбеното производство и да ја зајакнат трансатлантската соработка во секторот на воената индустрија.
Истите извори посочуваат и дека зголемувањето на издвојувањето за одбраната е потребно со цел сојузниците да бидат подготвени да се соочат со секоја закана и да ги исполнат обврски наведени во Вашингтонскиот договор за основањето на НАТО.
– Планот за инвестиции од пет проценти ќе ја зајакне способноста на НАТО да одвраќа и да се брани од каква било закана, без разлика дали станува збор за конвенционални, нуклеарни или дури и хибридни закани, додаваат дипломатските извори.