Откриен кусок на речиси осум тони медицински канабис во фирма во Ново Село

Екипи на Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица и службени лица од Министерството за здравство при контрола на фирма за производство на медицински канабис во Општина Ново Село, констатирале дека недостасуваат речиси осум тони сув цвет од растението.
Кутии со сув цвет од медицински канабис (Илустративна фотографија) / Фото: МВР
Поради констатираниот недостаток, како што соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), поднесена е кривична пријава против фирмата, лоцирана во селото Борисово, Општина Ново Село, и против нејзиниот управител В. К., со престој во Струмица.
Според описот на делото, полициски службеници од СВР Струмица и службени лица од надлежната комисија при Министерството за здравство при контрола во просториите на правното лице каде што бил складиран сувиот цвет од медицински канабис, утврдиле повеќе неправилности во водењето на документацијата, како и недостаток на поголемо количество сув цвет.
Како што информираат од МВР, бил утврден недостаток на документација поврзана со ангажираниот кадар, како и кусок на 7 813,49 килограми сув цвет од медицински канабис, за кој фирмата немала соодветна документација и покритие.
Инаку, според поднесените кривични пријави, правното лице и неговиот управител се товарат дека сториле кривични дела по член 95-в став 1 и став 2 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.






