РТС со ново раководство: Избрани се в.д. директор и уредник на информативната програма

Досегашниот заменик-директор на Радио-телевизија Србија (РТС), Дејан Јовановиќ, е избран за вршител на должноста директор на јавниот сервис, додека долгогодишниот уредник на Третиот дневник, Боривоје Ускоковиќ, е избран за главен и одговорен уредник на информативната програма, објави Н1.

Според Н1, информацијата за оставката и кадровските промени ја потврди и РТС во својот Втор дневник, но не како прва вест, туку дури во шестата минута од емисијата.

Одлуките се донесени на електронска седница на Управниот одбор на РТС, по оставката на досегашната генерална директорка Мања Грчиќ, која на функцијата беше именувана во февруари годинава со мандат од пет години.

 

Грчиќ вечерва поднесе оставка наведувајќи дека одлуката ја донела по внимателно разгледување на околностите во кои моментно функционира јавниот сервис.

Пред да ја поднесе оставката, таа ја разреши Бојана Младеновиќ од функцијата уредничка на информативната програма и предложи Ускоковиќ да ја преземе позицијата.

Оставката на Грчиќ следува откако кандидатите од Студентската листа и дел од вработените во РТС побараа нејзина оставка, како и оставки од другите членови на раководството и уредниците на информативната програма.

Инаку, група од 70 вработени предложиле Јован Мемедовиќ да биде назначен за вршител на должноста директор на РТС.

Back to top button
Close