АХВ воведе засилени мерки на надзор по појава на ново жариште на болеста чума кај малите преживари во соседна Албанија

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) воведе мерки на засилен надзор на болеста чума кај малите преживари, особено во регионот на Западна Македонија, со цел спречување на внесување и ширење на болеста од соседна Албанија во земјава.

Од АХВ посочуваат дека е засилена контролата на движењето и транспортот на животни од видовите овци и кози по добиеното известување вчера вечер преку европскиот систем за пријава на болести (ADIS) на Светската организација за здравствена заштита на животните – WOAH, дека во Република Албанија во областа Дебар, во место Кастриот, на фарма со 200 кози има појава на ново жариште на болеста, по пријавата на првиот случај неодамна во областа Скадар.

 

АХВ донесе Решение за забрана за увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајце клетки и емброни од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали праживари, производи и преработки од месо од домашни и диви мали преживари, млеко и производи од млеко од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари во Република Северна Македонија од Република Албанија, со цел спречување на можноста за ширење на болеста.

 

Со оглед на новонастаната состојба, а заради намалување на ризикот од појава и проширување на болеста, АХВ ги извести ветеринарните друштва и официјалните ветеринари за спроведување на засилен надзор на одгледувалиштата со овци и кози и пријавување на секој сомнителен случај на болеста. На сила останува Решението за безбедносни мерки во однос на болеста чума кај мали преживари кое Агенцијата за храна и ветеринарство го донесе на 09.08.2024 година.

Агенцијата за храна и ветеринарство го известила Министерството за внатрешни работи за новонастанатата ситуација со појава на болеста во пограничниот регион со Македонија за преземање на засилени мерки за надзор и спречување на евентуален шверц со живи животни од видовите овци и кози од Албанија во нашата земја.

Back to top button
Close