Освен Крмзов, обезбедени се уште две лица – ОЈО ГОКК утре ќе информира за кривичните дела
Од ОЈО ГОКК најавуваат дека утре на брифинг ќе информираат за кривичните дела и дејствијата.
Освен бизнисменот Ристо Крмзов полицијата обезбедила уште две други лица во врска со истрага за злоупотреби и затајување данок, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници реализираа акција во која е обезбедено лице за кое во септември минатата година беше отворена предистражна постапка. Освен ова лице обезбедени се уште две други лица“, велат од обвинителството.
Оттаму најавуваат дека утре на брифинг ќе информираат за кривичните дела и дејствијата.
Претходно денеска од Министерството за внатрешни работи рекоа дека го лишиле од слобода струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кого беше отворена истрага за злоупотреби што се проценуваат на околу 15 милиони евра.
Како што информира Министерството за внатрешни работи (МВР), апсењето е извршено по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
За Крмзов и неговите бизниси, Обвинителството отвори предмет откако претходно беа направени претреси на неколку локации низ државата поради основи на сомневања за даночно затајување, даночна измама и перење пари.
Извор: 360stepeni.mk