БиХ ги затвора своите амбасади во Техеран и Тел Авив и евакуира свои граѓани
На денешната вонредна седница, Претседателството на Босна и Херцеговина одлучи привремено да ги затвори амбасадите на Босна и Херцеговина во Техеран и Тел Авив и да го евакуира нивниот персонал поради влошувањето на војната на Израел против Иран.
Таа одлука е донесена на предлог на Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
Поради затворањето на амбасадите, Министерството за надворешни работи во Сараево ќе го преземе политичко-дипломатското претставување на БиХ во Иран и Израел, додека конзуларните работи ќе ги преземат дипломатско-конзуларните претставништва на БиХ во Турција (Анкара и Истанбул), Јордан (Аман) и Египет (Каиро).
Сараевскиот портал Kликс објави дека Босна и Херцеговина започнала со подготовка за евакуација на своите граѓани од Иран и Израел. Првиот бран би можел да биде утре, а одреден број граѓани на БиХ веќе го потврдиле своето заминување.