Димитриеска-Кочоска: Се подготвува еврообврзница за следната година
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека веќе се работи на подготовка за издавање на нова еврообврзница за следната година со цел да се обезбедат средства за сервисирање на еврообврзницата што доспева во 2026 година којашто е во износ од 700 милиони евра.
– Тоа ќе биде износ поголем од 700 милиони евра, бидејќи дел од евентуалниот буџетски дефицит за 2026 година исто така ќе го финансираме преку еврообврзницата. Најголемиот дел од Буџетот во 2025 година го финансиравме преку домашните банки, но сега е време да се насочиме кон меѓународните финансиски пазари, истакна Димитриеска-Кочоска за телевизија „Сител“.
Во однос на проектот за изградба на брзата пруга која е дел од Коридорот 10, минисетрката рече дека не се предвидени повлекување на средства ниту оваа, ниту наредната година. Верува дека ќе има добри понуди од меѓународните финансиски институции.
– Ќе следи анализа на понудите, а потоа ќе има закон за задолжување, а имаме и избори. Со информациите што ги имаме од Министерството за транспорт и врски првите исплати ќе бидат во 2027 година, рече Димитриеска-Кочоска.
За ребалансот на Буџетот рече дека е направен со јасна фокусираност на одржување на фискалната дисциплина, поддршка на приоритетните проекти и ефикасно прераспределување на буџетските средства.
Најголем дел од кратењата, како што посочи, се направени во рамки на Владата.
– Обезбедивме дополнителни 800 милиони денари за плати, од кои најголемиот дел се за Министерството за внатрешни работи – 600 милиони денари од буџетската сметка и уште 400 милиони денари од сопствени средства во нивниот буџет. Ова овозможува зголемување на платите во МВР за 10 проценти, во вкупен износ од околу една милијарда денари, рече Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека се обезбедени дополнителни 2,5 милијарди денари за исплата на пензиите.
Зголемување на средствата над една милијарда денари има и во Министерството за одбрана, како и во Министерството за социјална политика, демографија и млади каде се обезбедени дополнителни 300 милиони денари за невладини организации за услуги за стари и изнемоштени лица.
Во преговорите со надлежните министерства, како што посочи министерката, било инсистирано на конкретни податоци за склучени договори, динамика на реализација и временски рокови. Дополнителни средства, вели, се доделени само таму каде што има реална основа и висок степен на извршување.