НБРМ: Годинава се очекува просечна инфлација од 3%
Основната макроекономска слика за македонската економија во овој циклус проекции не е значително променета во споредба со октомвриските проекции се вели во најновиот Квартален извештај на Советот на Народната банка.
„Растот на домашната економија постепено би забрзувал во периодот на проекциите 2025 − 2027 година. За оваа година се очекува раст од 3%, што претставува мала надолна ревизија во однос на октомвриската оцена, во услови на понеповолно надворешно окружување. За периодот 2026 − 2027 година, оцените и понатаму покажуваат раст на економската активност од 4%. Се очекува дека главен носител на економското закрепнување ќе бидат пред сè инвестициите, поддржани од јавниот инфраструктурен циклус и странските инвестиции. Позитивен поттик се очекува и од личната потрошувачка, во услови на раст на расположливиот доход и на кредитирањето. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни“, стои во извештајот.
Во периодот на проекциите се очекува натамошен тренд на забавување на инфлацијата. Најновите оцени упатуваат на просечна стапка на инфлација од 3% во 2025 година, наспроти октомвриските согледувања за инфлација од 2,5%. Оваа промена ги одразува малку повисоките остварувања во првиот квартал оваа година, но и нагорните ревизии на оцените за цената на суровата нафта и на основните прехранбени производи на светските берзи. Сепак, и натаму се очекува дека инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2% во 2026 година и ќе се задржи на тоа ниво и во 2027 година. Ризиците за инфлацијата во најголема мера се поврзуваат со геополитичките тензии, трговската неизвесност предизвикана од протекционистичките политики, нарушувањата на синџирите на снабдување и климатските фактори.
И натаму се очекува стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. За 2025 година се предвидува умерено продлабочување на дефицитот на 3,2% од БДП. Ваквите поместувања во најголем дел ќе произлезат од понискиот суфицит кај секундарниот доход, согласно очекувањата за стабилизирање на номиналниот износ на нето-приливите од приватните трансфери, како и од проширувањето на дефицитот на стоки и услуги. За преостанатиот период на проекцијата, 2026 − 2027 година, се очекува подобрување на тековната сметка, при проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,7% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од странските директни инвестиции и долгорочното задолжување на државата. Значајно е да се напомене дека во целиот период на проекцијата се очекува задржување на девизните резерви на соодветното ниво.
Банкарскиот систем и понатаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка за економијата. До крајот на 2025 година, се очекува дека кредитниот раст ќе изнесува 9%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,3% за периодот 2026 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2025 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,5%, а на среден рок за периодот од 2026 до 2027 година од околу 7,7%, во просек