Зоран Ставрески не стана гувернер ама основа своја фирма за финансиски консалтинг

Некогашниот вицепремиер за економски прашања Зоран Ставрески од оваа недела си отвори своја фирма – финансиско консултативно биро, како последен во низата поранешни министри за финансии кои се одлучија на ваков чекор да ја понудат својата експертиза на пазарот со овој тип на советодавни услуги, пренесе Фактор.

Ставрески од изминатите денови е сопственик на „Закс Консалтинг Дооел“ во центарот на Скопје, додека истовремено е еден од 17-мината официјални надворешни советници на премиерот Христијан Мицкоски, во неговиот случај за финансии и банкарство.

Ваквиот потег на поранешниот вицепремиер во владата на Никола Груевски следува откако до крајот на мај беше во потесниот неформален „список“ на кандидати за гувернер на Народна банка. Откако универзитетскиот професор Трајко Славевски беше официјално предложен за челната функција, стана јасно дека Ставрески нема да ја предводи централната банка.

Ставрески е венчален кум на поранешниот премиер Никола Груевски. Покрај неговата финансиска експертиза, стана познат на јавноста по неговата улога во т.н. „бомби“, односно серија прислушувани телефонски разговори на раководството на тогашната власт. По подолго отсуство од јавниот живот, по локалните избори во 2021 година Ставрески се враќа во партиските тела, а сега откако ВМРО-ДПМНЕ ја освои власта е меѓу советниците на премиерот.

Повеќе

Back to top button
Close