Шеста Парада на гордоста во Скопје со јасен фокус на заедништвото, отпорот и борбата


Под мотото „Ќе (оп)стоиме заедно!“, денеска во Скопје се одржа шестата по ред Парада на гордоста, со јасен фокус на заедништвото, отпорот и борбата за човекови права на ЛГБТИ+ заедницата.

Годинешниот настан беше најавен и реализиран како протест, а не како прослава, поради – како што нагласија организаторите – сè поизразениот говор на омраза, институционалната незаинтересираност и назадувањето на човековите права за ЛГБТИ+ лицата во земјава.

Маршот започна во Паркот „Жена борец“, од каде учесниците се упатија кон Собранието, Министерството за образование и наука и завршија пред Владата на Република Северна Македонија.

– Државата се распаѓа под тежината на сопствената корупција и неспособност. Но ние – ЛГБТИ+ заедницата – одбиваме да соучествуваме во таа тишина. Ние не сме ниту мирни, ниту невидливи. Нашето постоење е отпор, доказ дека постојат и други начини на соживот – базирани на радикална грижа, солидарност и колективно ослободување, порачаа организаторите од Парадата на гордоста.

Настанот помина мирно, со поддршка од активисти, граѓански организации и поединци кои се залагаат за еднаквост, достоинство и слобода за сите граѓани, без оглед на нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

Back to top button
Close