МНР: Во моментов вкупно 11 македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив
По денешното повторно затворање на воздушниот простор на Израел и аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, сите летови кон и од Израел беа откажани. Се очекува обновување на летовите во текот на денот, во зависност од безбедносната состојба, велат од македонското МНР.
„Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, во моментов вкупно 11 македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив. Истата би можела да се реализира во наредните денови, во зависност од развојот на безбедносната ситуација. Како алтернатива, постои можност за евакуација по море – со брод од Ашдод до Лимасол (Кипар), за што Амбасадата е во редовна комуникација со македонските државјани и надлежните израелски власти.
Потсетуваме дека, покрај евакуацијата на првата група граѓани реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 22 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 27. Меѓутоа, не сите се подготвени тоа да го направат веднаш.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку Амбасадата во Тел Авив, останува во постојана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани, сè до нивната безбедна евакуација.