Секоја вечер Ново Лисиче смрди на горена гума – надлежните спијат

Последните неколку вечери, населбата Ново Лисиче, во скопски Аеродром смрди на изгорена гума и пластика. Ноќе е, па не се гледа чад, но жителите се принудени да ги затворат прозорците. Реакциите на граѓаните се сѐ погласни, но отсуствува одговор од надлежните.

– Само што се јавив на 112, ми рекоа да се обратиме на општината. Ќе напишам утре мејл, ова е неподносливо секоја вечер. Неверојатно е колку се неспособни! – пишува една жителка на Ново Лисиче на социјалните мрежи.

„Милион пати пријавувано, и во државен завод да жив.средина, пишував и по портали и телевизии и кај ти не, ова е лудило. Да беше зима ќе викаа дека од куќите е што се греат, ама сега нема изговор и нигде ги нема. И пожари имаше таму и сигурнно знаат кои тие што не трујат…. ама ништо не се презема….“, опдговара друга.

„Да, секоја вечер! Ова не се поединци, ова е урбана мафија А толку е убаво времето деновиве, прекрасно лето со ветре што пирка, ниту клима вклучуваме преку ден, за мерак… Ама не, не можеме да уживаме навечер, чистиот воздух е луксуз. Принудени сме сите прозорци да ги затвориме, да се забарикадираме, под клима и со прочистувач. Буквално до 8 сабајле корне. На сите веќе до слошување ни е дојдено, со главоболки, мигрени, болни грла, не сакам ни да помислам што сѐ друго може да закачиме од оваа смрдеа… Години живот ни кратат!!! Само нѐ маткаат, де ваму јави се, де таму. Банда неработници седнати во фотељи!!! Што и да се обидам да пријавам ниту се јавуваат, ниту се замараат. Ако кренат некогаш слушалка, се јавува некој/а мутава, мрзеливоста и во гласот им ја насетувам, секој втор збор им е – не знам, јавете се таму и таму, тука ние не сме надлежни, Град Скопје е бла бла…На мејл да не спомнувам, никогаш одговор не добивам. Класични лешпери!“, заклучува друга.

„Дури не се блокира раскрсницата кај „Авионче“ (бул.„Србија“) и то по ред едно недела дена, се до тогаш со прст нема да мрднат“, повикува трет жител на протести и блокади

Преку ден, ќесто се забележуваат столбови чад кој најчесто доаѓа од Вардариште. Граѓани реагираат, пријавуваат… Доаѓа пожарна, го гаси пожарот и проблемот за дента е решен. Но, во вечерните часови, кога жителите шетаат низ парковите или седат на клупите меѓу зградите, секогаш некој прашува што се запалило. Мирисот е интензивен и потсетува на горена гума, но проблемот толку долго не е решен, што веќе и жителите само меѓусебно коментираат, а одамна се откажале од каква и да е интервенција ја надлежните да преземат нешто.

Сега, лето пред локални избори, изнервирани граѓаните прашуваат што различно се презело, за да гласаат за истиот градоначалник на Аеродом кој во моментот е вонреден, кога ни тој, како ни неговите претходници не презеле ништо. Општината најчесто одговара дека Вардариште не е на територија на Општина Аеродорм, туку на Гази Баба и тука е во право. Но, ветриштата и струењето на воздухот, целата смрдеа ја носи кон Аеродром, па останува прашањето зошто не седнат на иста маса, не појдат општинарите на гости кај колегите од гази Баба, па заедно да изнајдат решение. Секако, на еден таков состанок би требало да има и претставници од Град Скопје, оти проблемот не е само на лисичани, туку на цело Скопје.

Во меѓувреме, по објавување на текстот, се јави градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој преку социјалните мрежи информира:

„Во изминатите неколку денови, во делови од нашата општина беше евидентирано значително загадување на амбиенталниот воздух, што оправдано предизвика загриженост кај сите нас. Сакам јавно да ве информирам за мерките што ги преземавме и за активностите кои следуваат.
Брза реакција:
Од првиот момент кога ја регистриравме оваа состојба, го задолжив Секторот за инспекциски работи да започне со вонредни инспекциски контроли во засегнатите делови. Целта беше јасна – откривање на изворите на загадување и санкционирање на прекршителите. Како резултат, изречени се глоби и изготвени записници за повеќе физички лица за кои постојат докази дека го прекршиле Законот.
Пакет мерки и активности – Старт веднаш:
Денес сакам да најавам пакет конкретни мерки и активности кои започнуваат со имплементација веднаш:
Мобилен пункт на Вардариште:
Секој ден од 08:00 до 22:00 часот, инспектори од Секторот за инспекциски работи ќе бидат стационирани на дивата депонија со цел постојан надзор и спречување на понатамошни прекршувања.
Соработка со Град Скопје и МВР:
Испративме официјално барање за организирање мешани патроли на терен со сите надлежни институции, за заедничко откривање и санкционирање на изворите на загадување.
Кривична пријава до ОЈО:
Поднесуваме пријава по член 218 од Кривичниот законик против непознат сторител. Бараме ОЈО да отпочне предистражна постапка. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од 4 до 10 години.
Телефон за пријави – 075 346 932:
Линијата во Секторот за инспекциски работи е отворена за пријавување прекршувања на Законот од страна на граѓаните.
Нова линија за контакт со мојот кабинет – 075 346 938:
Директна комуникација со службеници од мојот кабинет за секој што има информација за можен прекршител на Законот.
Повик за соработка:
Ги повикувам сите граѓани да соработуваат. Доколку имате информација за причинители на загадувањето, ве молам пријавете ги. Само заедно можеме да ги детектираме и санкционираме несовесните поединци.
Нема компромис со прекршителите:
Ниту сум правел, ниту ќе правам компромис со оние што го кршат Законот. Загадувањето е кривично дело – тоа е напад врз нашето здравје. Тој воздух го дишам и јас, како и моите две деца.
Гаранција за постапување:
Ве уверувам – ќе направам сѐ за да се откријат и казнат виновниците. Апелирам до сите: граѓани и институции – обединете се со нас во оваа борба!
Само заедно можеме да победиме! И ќе победиме!“, ветува Стефковски. 

 

.

Back to top button
Close