Татко и двајца синови претепале маж во Батинци – Обвинителството бара притвор

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица – татко и син – осомничени за кривично дело насилство. За инцидентот поведена е постапка и против еден малолетник, согласно Законот за правда за децата.

Од Обвинителството велат дека инцидентот се случил кога 41-годишниот татко, заедно со неговите синови на возраст од 18 и 15 години, дошол пред семејната куќа на оштетениот во селото Батинци. Тие започнале да му се закануваат на оштетениот поради претходна расправија помеѓу него и 15-годишното дете.

Во еден момент осомничените почнале да го удираат оштетениот со клоци и тупаници по главата и целото тело, од кои удари тој паднал наземи. Додека лежел, малолетникот го удирал и со камен, при што оштетениот се здобил со тешки телесни повреди – фрактури и други тешки повреди во главата и телото.

Сопругата на оштетениот паднала врз него за да го заштити од дополнителни удари, а во меѓувреме притрчале и нивните деца и соседите.

Од Обвинителството велат дека со дејствијата на насилство, малтретирање, грубо навредување и загрозување на сигурноста, осомничените предизвикале чувство на несигурност и страв како кај членовите на семејството на оштетениот така и во јавноста.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за полнолетните сторители.

Back to top button
Close