Се подготвува новата еврообврзница, износот ќе биде поголем од 700 милиони евра

Министерството за финансии веќе работи на подготовка за издавање нова еврообврзница за следната година со цел да се обезбедат средства за сервисирање на еврообврзницата што доспева во 2026 година којашто е во износ од 700 милиони евра, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

– Тоа ќе биде износ поголем од 700 милиони евра, бидејќи дел од евентуалниот буџетски дефицит за 2026 година исто така ќе го финансираме преку еврообврзницата. Најголемиот дел од Буџетот во 2025 година го финансиравме преку домашните банки, но сега е време да се насочиме кон меѓународните финансиски пазари, истакна Димитриеска-Кочоска на ТВ Сител.

Во однос на проектот за изградба на брзата пруга која е дел од Коридорот 10, министерката рече дека не се предвидени повлекување на средства ниту оваа, ниту наредната година. Верува дека ќе има добри понуди од меѓународните финансиски институции.

– Ќе следува анализа на понудите, а потоа ќе има закон за задолжување, а имаме и избори. Со информациите што ги имаме од Министерството за транспорт и врски првите исплати ќе бидат во 2027 година – рече Димитриеска-Кочоска.

Според министерката, ребалансот на Буџетот е направен со јасна фокусираност на одржување на фискалната дисциплина, поддршка на приоритетните проекти и ефикасно прераспределување на буџетските средства, а најголем дел од кратењата, како што посочи, се направени во рамките на Владата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close