Порастот на температурите ги зголемува ризиците од труење со храна, да се направи правилен избор при нејзина набавка

Агенција за храна и ветеринарство информира дека порастот на температурите, кој неделава според најавите на синоптичарите во одредени региони ќе го надмине четириесеттиот степен ги зголемува и потенцијалните ризици од појава на труење со храна. Од Агенцијата велат дека е неопходно да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување.

-За да се спречи евентуална појава на труење со храна кај граѓаните, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде има соодветни услови за чување и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди, соопштија од Агенцијата.

Како што посочуваат, во услови на високи температури, да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна да не се чува долго време во автомобилите и во други транспортни средства на несоодветна температура. Да се одбегнува купување на и разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.

Исто така, потенцираат, разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува.

-Кога станува збор за консумирање на храна во угостителските објекти треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично, велат во соопштението.

Оттаму додаваат дека и за животните порастот на температурите претставува голем стрес кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Во двата случаи исходот може да биде фатален доколку не се делува на време.

Back to top button
Close