Контраспин: Кога овците и кравите ни се виновни за пожарите

Во пресрет на зголемениот ризик од шумски пожари во текот на летните месеци ние немаме доволно противпожарни авиони, пилоти, друг квалификуван технички кадар, недостасуваат пожарникари, противпожарните возила и опремата се дотраени, ама битно го имаме виновникот за пожарите – кравите и овците! И, ова не е виц, токму премиерот „мртов сериозен“ во настап на националната телевизија објаснуваше дека по планините нема стока да ја пасе тревата, па ни се случуваат пожари

 

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве во настапот на МРТВ, говорејќи за состојбата со земјоделството, сточарството, системот за субвенционирање и поддршка, меѓу другото кажа дека како земја ќе бидеме зависни од увоз на храна во одредена форма – посебно во делот на месотопа ги спомна пожарите и притоа ја спинуваше вистината

Спин: За жал и тоа една од причините зошто ни се случуваат пожарите, затоа што немаме стока по планините да ја пасат тревата и затоа ни е тревата бујна, а сега ќе се исуши еве топло е и ќе почнат пожарите, сезона на пожари… Друго е порано, многу стока по планините илјадници, десетици, стотици илјади грла ја пасат тревата и помала е можноста за пожари… Сега бујна вегетација, топло време се суши, мава искра и бувнува пожар… Тука малце треба да се поработи, но за жал сè помалку луѓе што се занимаваат со сточарство, помалку овчари… Иако е многу добро платена професија две и повеќе илјади евра е месечен надомест за овчарите. Но, сè помалку луѓе се занимаваат со сето тоа. Така што, лично го следам не дека сега сум сештолог… но логично како претседател на Владата мора да гледате и стратегија да правите… Но во делот на сточарството за жал уште долго ќе треба да бидеме увозници на месо.

[ИзвориМРТВ (од 1:16:41 до 1:18:00 минута од видеото); Јутјуб  – Влада на РСМ (од 1:17: 42 до 1:19:00 од видеото Датум: 25.06.2025] 

Контраспин: Во оваа изјава на премиерот Мицкоски, во која вели дека пожари се случуваат затоа што по планините нема доволно стока која ќе ја пасе тревата, се препознава спин и таа делува некако чудно, дури смешно. Мицкоски, како што  вели самиот не е „сештолог“(!) (демек сè знае, разбира), ама сепак, во интервјуто по повод „Една година Влада“ ни објасни дека:

Една од причините зошто ни се случувает пожарите, затоа што немаме стока по планините да ја пасат тревата и затоа ни е тревата бујна, а сега ќе се исуши еве топло е и ќе почнат пожарите…. Друго е порано, многу стока по планините илјадници, десетици, стотици илјади грла ја пасат тревета и помала е можноста за пожари… Сега бујна вегетација, топло време се суши, мава искра и бувнува пожар…

Значи, премиерот виновникот за пожарите го пронајде во стоката – кравите и овците!

Но, наспроти ова негово видување најчеста причина за појава на шумските пожари е човечкиот фактор – палење огнови, фрлање догорчиња на отворен простор, непочитување на забраната за движење во шуми, намерно потпалување… Потоа, значајно влијание за пожарите имаат и климатските промени –сушните периоди, енормно високите температури, силни ветрови атипични за одредени региони…

Од друга страна, многу битна работа е како ќе ги гаснеме пожари кои беснеат секое лето, а и годинава веројатно нема да нè одминат. Прилично загрижувачки е како државата би се справила со огнената стихија кога во територијалните противпожарни единици нема доволно пожарникари, имаме стари и дотраени возила и опрема… Немаме ниту доволно авиони, ниту активни пилоти, ниту пак, центар за обука и интерес од млади пилоти за оваа професија…

Уште многу „нема“ виси над нашата (не)подготвеност за справување со пожари. Па, извесно е дека државата и оваа година ќе ги гасне пожарите со помош од странство.

Кога С. Македонија гореше минатата година  напомош ни дојдоа „ер трактори“ и хеликоптери од Чешка, Словенија, Србија, Унгарија, Бугарија, Турција, Хрватска, како и од Шведска и Германија, а ни помогнаа и пожарникари од странство со специјални теренски возила. Слично беше и претходните години.

Според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари (ЕФФИС), дел од програмата Коперник, минатата година во Македонија во 126 шумски пожари изгореа над 94.000 хектари.  Процентуално, изгоре 3,6 отсто од вкупната територија на државата. ЕФФИС соопшти алармантни податоци, според кои лани кај нас изгорела шума исто колку претходните десет години заедно, кога во над 400 шумски пожари изгореле околу 100.000 хектари. Најтешка година претходно била 2019 година, кога во 135 шумски пожари изгореле 29.807 хектари. Еден од најголемите шумски пожари лани беше оној во Мариово, каде што изгореа 11.000 хектари, а беше конечно ставен под контрола осум дена од избивањето. ЕФФИС, исто така извести дека поради многуте шумски пожари лани во август, Владата побара итна помош и се активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Како одговор, десет воздушни противпожарни екипи од шест различни држави-членки на ЕУ беа распоредени во Македонија за да ѝ помогнат на земјата во борбата против пожарите.

Неодамна, пак, Стојанче Ангелов по преземањето на директорската функција во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – кој на ова место дојде од директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), соопшти дека ниту еден од трите противпожарни авиони „ер трактор“ не е во функција, бидејќи се наоѓаат на сервис.

Во овој момент во државата нема ниту еден функционален ер трактор, но јас сум оптимист дека набргу ќе ги имаме трите ер трактори заедно со посадите, односно пилотите. Тие моментално се на сервис, постојат одредени би рекол проблеми но верувам дека брзо ќе бидат отстранети и истите ќе бидат вратени во државата благовремено во пресрет на претстојните пожари, изјави  Ангелов на 27 мај.

Ангелов се пожали  дека ДЗС се соочува со сериозни предизвици, вклучувајќи недостаток на пилоти, проблеми со сервисирање на ер тракторите и отсуство на договори со тимовите за брз одговор, особено оние за гаснење пожари на отворен простор. Дополнително, некои членови на овие тимови немаат соодветна опрема, обука и физичка подготвеност.

Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во лоша состојба, со недостиг на квалификувани инспектори и сомнежи во валидноста на издадените дозволи. Исто така, во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, кои се чуваат на несоодветен начин, вели Ангелов.

На почетокот на јуни од редовен сервис е вратен само еден авион, тоа на Фејсбук го објави Дрирекцијата за заштита и  спасување.

Така што, во пресрет на зголемениот ризик од шумски пожари во текот летните месеци ние немаме доволно противпожарни авиони, пилоти, друг квалификуван технички кадар, недостасуваат пожарникари, ама битно го имаме виновникот за пожарите – кравите и овците! И, ова не е виц, токму премиерот „мртов сериозен“ во настап на националната телевизија објаснуваше дека по планините нема стока да ја пасе тревата, па ни се случуваат пожари.

 

Back to top button
Close