Таравари: Ваљбон Лимани не е кандидат, тој е новиот градоначалник на Гостивар

Арбен Таравари, лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, синоќа на собирот со граѓани „Се среќаваме во Гостивар, посочи дека Ваљбон Лимани, актуелниот вд градоначалник на општина Гостивар ќе биде кандидатот за уште еден мандат.

Таравари во обраќањето во центарот за култура „АСНОМ“ ги разреши дилемите околу кандидатурата на Ваљбон Лимани, испраќајќи јасна порака до оние кои, како што рече се обидуваат ја попречат.

– Ви кажувам оттука, Ваљбон Лимани не е кандидатот, туку тој ќе биде новиот градоначалник на Гостивар, рече Таравари.

Во говорот, лидерот на крилото на Алијансата за Албанците што се одвои од коалицијата ВРЕДИ искажа огорченост од постапките на сопартијците Азир Алиу и Арбен Фетаи кои останаа во владината коалиција и ги повика да излезат на избори како кандидати.

– Едниот нека се кандидира во Гостивар, а другиот во Липково. Ако еден од нив добие над илјада гласови, јас ќе се повлечам од политиката, рече Таравари.

Тој зборуваше за актуелната политичка состојба и односите во владината коалиција, оценувајќи ги како неповолни за Албанците во Македонија, наспоменувајќи дека наскоро Алијанса ќе стане важен политички фактор и Албанците, како што нагласи, нема повеќе да им бидат измеќари на Македонците

Во својот говор, Таравари им се заблагодари на тројцата пратеници на АА, Садик Сулејмани, Ријат Шаќири и Халил Снопче за нивниот став во поддршка на партијата.

На собирот се обрати и вд градоначалникот Ваљбон Лимани кој кажа дека со напуштањето на владината коалиција, Алијанса станала посилна и ја има поддршката кај народот.

– Време е политиката повеќе да не се дели на партии, туку на добри луѓе кои го сакаат доброто на сите, а не само своето. Ќе славиме во октомври, а што се однесува до мене, среќен сум што ќе славам со вас во Гостивар, рече Лимани

На собирот се обратија и пратеникот Халил Снопче, претседателката на форумот на жени Елфете Изаири, претседателот на изборниот штаб Исак Љазами, организацискиот секретар, Гадаф Узаири и генералниот секретар Блерант Рамадани

Back to top button
Close