Македонија и Бугарија во Брисел ќе разговараат за заеднички железнички тунел

Македонија и Бугарија ќе имаат средба на експертско ниво во присуство на Европската комисија за тунелот за железничкото поврзување на Коридор 8 на 16 јули во Брисел. Има начелна согласност тунелот да се гради заеднички за што би се побарал грант од ЕУ како симболика за поврзување меѓу двете земји, соопшти вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во гостување на ТВ Сител рече дека средбата со неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, што се одржа викендот во рамки на Форумот на миистри за транспорт во Турција, била долга и содржајна и била постигната согласност за трите прашања што ги достави македонската страна за изградбата на пругата претходниот период. Истакнал, како што соопшти, дека мора да се расчисти дека од крајно инженерски проектантски проблем се направил политички проблем и порачал дека не смее да се дозволи тоа да се случува во иднина.

Во однос на суштинскот дел, рече Николоски, од самиот старт кажавме три работи, прво дека поврзувањето со Бугарија мора да биде преку тунел, кој мора заеднички да се изгради, второ дека Македонија треба да го заврши својот дел од работата, но и Бугарија да го заврши својот дел, и трето можеби и најважно ние сакаме Скопје да се поврзе со Софија, а не со Крива Паланка, а од Софија и со Бургас и со Варна, а за тоа да се случи Бугарија, додаде Николоски, мора да ја модеринизира својата железница.

– Добивме одговор на трите прашања. Прво, веќе постои согласност дека тунелот мора да се гради заеднички, за тоа ќе има средба во Брисел на 16 јули помеѓу експерти од Македонија, Бугарија и Европската Комисија. Второ, ќе се потпише и документ, како заедничка декларација. Ќе работиме да се изработи што побргу, со тимови на највисоко ниво, од двете влади. Понатаму Бугарија јасно кажа дека ќе инвестира милијарда и 500 милиони евра на потегот од Софија до Ѓуешево и Девер Баир, граница со Македонија, што е значајно ветување и многу поразлично од она што беше претходно, рече Николоски.

Back to top button
Close