Обвинителството бара притвор за осомничениот 38-годишен скопјанец за убиството кај Смилковци

Јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот 38-годишник, којшто на 21 ноември утрото, на скопската обиколница, кај клучката во близина на Смилковско Езеро, со умисла го лишил од живот оштетениот Един Шкријељ.
Основното јавно обвинителство Скопје, информира дека осомничениот се гони за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Од Обвинителство информираат дека според истрагата, пред убиството претходела расправија, по што осомничениот дошол на локацијата и се паркирал до автомобилот на жртвата
-По расправија која што се одвивала преку телефонска апликација, осомничениот со возилото дошол на наведената локација. Се паркирал наспроти возилото кое го управувал Шкријељ, излегле и продолжиле да се расправаат. Во еден момент, осомниениот извадил пиштол и пукал кон оштетениот. Куршумот го погодил во левата нога, во феморалната артерија и поради голема загуба на крв, оштетениот починал на местото на настанот – се вели во соопштението од Обвинителство.
Осомничениот избегал со автомобилот кон селото Сингелиќ, а по пат се ослободил од оружјето.
Од Министерството за внатрешни работи претходно денеска информираа дека осомничениот Б. Ј. (38) од Скопје бил приведен вчера по преземени оперативно-тактички мерки од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, под сомнение за убиство на 38-годишниот Ш. Е. од селото Љубин.
Од МВР соопштуваат дека со Б. Ј. бил извршен службен разговор, при што тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело, по што во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против осомничениот е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело убиство.






