Под контрола е пожарот во регионот на Вурвуру на Халкидики

Не постои никаква опасност за туристичките сместувачки капацитети или домовите во областа. Посетителите и жителите можат да останат мирни, бидејќи ситуацијата е нормализирана, напиша на Фејсбук градоначалникот на општина Ситонија Јоанис Малинис и информираше дека шумскиот пожар на вториот крак на Халкидики во регионот на Вурвурy е ставен под контрола, јави дописничката на МИА од Атина.

Малинис додаде дека постоела масовна мобилизација и благодарение на брзата интервенција на силите на Противпожарната служба, волонтерите, полицијата, Министерството за цивилна заштита и поддршката од воздушните средства, пожарот е ставен под контрола.

Пожарот избувна околу 16 часот по локално време во густа борова шума, во непрооден дел, а вечерва дополнително беа засилени противпожарните сили.

Според противпожарната служба на Грција, во гаснењето учествуваат 160 пожарникари со седум пешадиски тима, 49 возила, волонтери и помагаат и цистерни од општините, а до заоѓањето на сонцето интервенираа 14 авиони и пет хеликоптер.

Населените и туристичките места веднаш беа евакуирани, со оглед на тоа што од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до сите што се во конкретната област да се евакуираат кон Никити.

Дополнително евакуиран бил и еден камп.

Поради пожарот во прекин е сообраќајот на возила на патот Неа Мудања – Спарти од Ормос Панагиас до Вурвуру, а од полицијата ги повикаа возачите да бидат особено внимателни и да ги следат упатствата од полицајците.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close