Скариоло нов тренер на кошаркарите на Реал
Шпанскиот кошаркарски првак Реал Мадрид го назначи искусниот 64-годишен Серхио Скариоло за нов тренер на местото на Чус Матео (56) кој по три сезони ја напушти должноста.
Скариоло седнува на клупата на Реал, откако од 2015 година беше предводник на репрезентацијата на Шпанија.
Иако Матео неодамна ја одбрани титулата во шпанското првенство со Реал Мадрид, клупското раководство се одлучи да ја прекине соработката поради резултатски слабата сезона во Евролигата и елиминацијата во четвртфиналето од плејофот.
Матео со Реал освои две титули во шпанското првенство, како и еден куп трофеј, а во 2023 година му ја донесе на шпанскиот гигант и титулата европски првак.