Полнети модри патлиџани со болоњезе сос – вкус што се памети

Време е за едно вистинско летно јадење кое ќе ги освои сите сетила! Прекрасно печени модри патлиџани со богат болоњезе фил, стопено сирење и свеж босилок – совршено и за семејна трпеза и за гости.

Еве како да ги подготвите:

Потребни состојки (за 4 лица):

2 големи модри патлиџани

1 тегла болоњезе сос (300 гр.)

3 лажици маслиново масло + уште малку за премачкување

1 мал кромид

1 чешне лук

50 гр. рендано сирење (по избор – моцарела, кашкавал или пармезан)

Сол и бибер по вкус

Свеж босилок за сервирање

 

 

 

Подготовка:

 

1. Подготовка на модрите патлиџани:

Измијте ги патлиџаните и пресечете ги по должина на половина. Со лажица внимателно издлабете ја средината, но оставете ги ѕидовите доволно дебели за да држат фил. Издлабеното месо ситно исечкајте го.

 

2. Филување:

Во тава загрејте 3 лажици маслиново масло. Ставете го ситно сечканиот кромид и пропржете го до стаклест. Додадете го здробениот лук и сечканота срцевина од патлиџанот. Пржете додека патлиџанот не омекне. Потоа додадете го болоњезе сосот и само промешајте. Зачинете по вкус.

 

3. Подготовка за печење:

Загрејте ја рерната на 190°C.

Во тава со хартија за печење наредете ги издлабените патлиџани. Премачкајте ги со малку маслиново масло. Наполнете ги со приготвениот фил и одозгора посипете рендано сирење.

 

4. Печење:

Печете ги 30 минути, или додека горниот дел не добие златна боја. Извадете ги од рерна и оставете ги да одморат 10-ина минути.

 

 

Сервирање:

Сервирајте ги топли, со свежи ливчиња босилок одозгора. Вистинско гастрономско уживање!

 

 

Совет:

По вкус, при пржење може да додадете и малку оригано за дополнителна арома. Ако постите не ставајте сирење.

Фото: Фрипик

 

Back to top button
Close