Трамп најави дополнителни царини за секој што ќе соработува со „антиамериканскиот сојуз БРИКС“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека секоја земја што ја поддржува политиката на сојузот БРИКС, која е спротивна на интересите на САД, ќе се соочи со дополнителна царина од 10 проценти.

EPA-EFE/KENT NISHIMURA / POOL

„Секоја земја што се усогласува со антиамериканските политики на БРИКС ќе плати дополнителна царина од 10 проценти. Нема да има исклучоци“, објави Трамп во неделата на својата социјална мрежа Truth Social.

Изјавата на Трамп доаѓа откако членовите на БРИКС ја критикуваа неговата царинска политика и предложија реформи на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и начинот на кој се одредува вредноста на клучните светски валути.

Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, вчера изјави дека царините што ги објави претседателот Доналд Трамп уште во април ќе стапат на сила на 1 август за сите земји што дотогаш нема да постигнат договор со неговата администрација.

Со години, Трамп остро ја критикуваше алијансата БРИКС, која беше основана за да го зајакне меѓународното влијание на своите членови и да обезбеди противтежа на САД и Западна Европа.

Минатата година, бројот на членови на БРИКС се зголеми – покрај Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, на алијансата се приклучија Египет, Етиопија, Индонезија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Лидерите на БРИКС, кои се состанаа овој викенд во Рио де Жанеиро, Бразил, повикаа на реформа на глобалните институции и ја претставија алијансата како платформа за дипломатија во време на зголемени трговски конфликти и геополитички тензии

Back to top button
Close