Трамп: Испраќаме писма за царини до сите земји

САД од денеска ќе почнат да испраќаат писма до своите трговски партнери за новите договори и царини, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Трамп објави нови царини на таканаречениот Ден на ослободувањето, Фото: EPA-EFE/KENT NISHIMURA / POOL

Во април, Трамп воведе основни царини од 10 отсто за увоз од речиси сите трговски партнери, по што следеше бран повисоки, таканаречени реципрочни царини за поединечни земји врз основа на трговски дефицити.

Потоа ги паузираше реципрочните царини за повеќето трговски партнери за 90 дена, што истекува на 9 јули.

„Писма за царините или договорите ќе бидат испратени до различни земји низ целиот свет почнувајќи од пладне во понеделник (18 часот по средноевропско време)“,напиша Трамп на социјалната мрежа Трут сошал.

Дополнителни царини од 10 отсто ќе бидат наметнати на секоја земја што се согласува со антиамериканските политики на БРИКС, додаде тој во друга објава.

Акронимот БРИКС е скратеница од првичните пет членки: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Иран, Египет, Етиопија, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се приклучија на почетокот на 2024 година, а потоа Индонезија во 2025 година.

Трамп вчера им рече на новинарите дека верува оти САД ќе завршат со повеќето земји до 9 јули, или со писмо или со договор.

Неговиот министер за трговија Хауард Лутник, потоа појасни дека новите царини ќе стапат на сила на 1 август.

„Тарифите стапуваат на сила на 1 август, но претседателот токму сега ги одредува стапките и договорите“рече тој.

Една од првичните цели на царинскиот пакет на Трамп беше да ги принуди другите земји да ги намалат трговските бариери за увоз од Соединетите Американски Држави.

Back to top button
Close