Висок офицер на Хамас: Ја губиме контролата врз Газа
Високо рангиран офицер на Хамас изјави за Би-Би-Си дека Хамас ја изгубил контролата врз речиси 80 проценти од Појасот Газа.

Офицерот, потполковник, бил повреден на почетокот на војната и оттогаш не е на должност. Офицерот, кој побара да не биде именуван, рече дека командниот и контролниот систем на Хамас е на „нула“ поради месеците израелски напади врз неговото раководство. Информацијата не е независно потврдена.
Според израелските медиуми, Израел се обидува да го ослабне Хамас со промовирање на други помали вооружени групи во Појасот Газа, за кои се вели дека сега контролираат големи делови од територијата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска треба да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа во обид да се стави крај на војната во Појасот Газа.
Средбата доаѓа откако Трамп вчера изрази надеж дека оваа недела ќе биде постигнат договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
Сепак, Нетанјаху пред да замине за Вашингтон изјави дека нема да се согласи на никаков договор што би му дозволил на Хамас да остане на власт во Појасот Газа.