Бугарија се налути на Мицкоски, го обвини за „непријателство“

Бугарското Министрество за надворешни работи реагираше на серијалот обвинувања од македонските политичари за обид за „геноцид„ на нашата нација, за обезличување, за уништување и слично, оценувајќи ги како крајно навредливи и непријателски кон нивната држава. Повод беше повикувањето на бугарскиот амбасадор во македонското МНР за да му се изрази протест поради именувањето на нашиот премиер како „северномакедонски“ од страна на Георги Горгиев.

-Денес, бугарскиот амбасадор во Македонија беше повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија во врска со употребата на придавката „Северно – македонски“ во обраќањето на премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски.Истиот ден, премиерот на соседната земја упати крајно неприфатливи јавни навреди кон бугарскиот министер за надворешни работи. Во врска со ова, Министерството за надворешни работи на Република Бугарија го наведува следново:

Бугарскиот амбасадор во Македонија изрази изненадување по повод неговото повикување, особено поради низа непријателски пораки и постапки што доаѓаа од претставници на владата во Македонија во последните месеци. Бугарскиот дипломат експлицитно нагласи дека во јавниот простор, официјалните власти на Република Северна Македонија систематски и намерно покажуваат недостаток на почит кон нашата земја.

За време на средбата, бугарскиот амбасадор, исто така, ја изрази сериозната загриженост на Бугарија во врска со голем број остри, манипулативни и честопати навредливи изјави од високи претставници на власта во Република Северна Македонија, насочени и кон нашата земја и кон ЕУ. Особено е неприфатливо да наречеш „непријателска држава“ земја која систематски дава реална и несебична помош – вклучително и во моментот кога бугарските пожарникари даваат помош на Република Северна Македонија во Крива Паланка во врска со пожарите што избувнаа таму.

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија остро го осудува неприфатливиот и навредлив јазик што го користи Христијан Мицкоски кон бугарски функционер – во овој случај министерот за надворешни работи на Република Бугарија. Ваквите изјави се некомпатибилни со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство, за кои Република Северна Македонија јавно тврди дека ги споделува, а во пракса грубо си игра со нив.

Континуираната употреба на вулгарни квалификации за претставниците на бугарската држава не само што ја поткопува веќе кревката доверба меѓу нашите две страни, туку ја доведува во прашање и автентичната посветеност на политичкото раководство во Македонија кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и декларираната желба за пристапување во Европската Унија – процес што бара меѓусебно почитување, одговорност и политичка зрелост.

Бугарија нема да толерира јазик на омраза, лични напади и целно потиснување на односите меѓу земјите. Ваквите изјави од страна на официјалните власти во Република Северна Македонија создаваат клима на непријателство и не ја демонстрираат политичката волја за враќање во нормален, почитувачки и конструктивен разговор, стои во реакцијата на бугарското МНР.Ова е веќе виден тек на настаните меѓу Македонија и Бугарија кога на власт се ВМРО-ДПМНЕ и ГЕРБ од другата страна, чија комуникација изминатите години покренуваше сомневања дека координирано ги влошуваат односите за да добиваат популистички поени пред избори. Практично Бојко Борисов најлошо се однесуваше со премиерот Зоран Заев кој најмногу се обидуваше да го реши спорот , така што не е јасно дали зад овие изнасилени навреди и препукувања од двете страни има вистинска причина или „фејк“, што би рекла грчката пратеничка која се декларираше како „вистинска Македонка“.

Видливо е исто така дека освен „северномакедонски“ како придавка за наш функционер и многу што, бугарските политичари почнаа да ни се обраќаат и со „Скопје“ во повеќето прилики, што досега не било својствено за Бугарија. На Бугарија реално и одговара Македонија да остане надвор од ЕУ, за да биде недефинирана територија и економски да слабее, а тоа им одговара и на некои структури кај нас од други причини.

Back to top button
Close