Пораките од бројот 112 – важна алатка во Грција за навремено информирање на граѓаните за природни катастрофи

Шумски пожар во ваша близина. Ако сте во конкретната област евакуирајте се на север, е пораката, напишана на грчки и англиски јазик, проследена со силен карактеристичен звук, што ја добиваат сите оние кои се наоѓаат во регион со активен пожар во Грција, а е испратена од цивилната заштита преку бројот 112 за итни случаи, со цел да се информираат граѓаните, но и туристите и да избегнат опасност по нивните животи, јави дописничката на МИА од Атина.

Европскиот број за итни случаи 112 во 2019 година беше воведен во Грција, првично само за дојдовни повици, а неколку месеци подоцна, на почетокот на 2020 година, во пандемијата и карантините започна да функционира и со појдовни пораки, односно испраќање предупредувања.

Овие пораки од грчката цивилна заштита веќе пет години е дел од секојдневието на Грците при секоја природна катастрофа, а со оглед на големиот број пожари во земјата, не е мал бројот на туристи кои имаат искуство со пораките.

Предупредувања за пожари, чад, поплави, дожд, снег

Предупредувањето од грчката цивилна заштита доаѓа во вид на порака, меѓутоа различна од смс пораките, се појавува на целиот екрани на паметните телефони, има силен и карактеристичен звук со цел да го привлече вниманието и да не се губи драгоцено време во преземањето мерки самит да се заштитат.

Пораките се испраќаат со употреба на различни технологии и преку различни канали, со помош на антените за мобилната мрежа и неповрзано со операторите и независно дали станува збор за грчки или странски број се лоцираат паметните телефони во областа што се соочува со проблеми.

Освен за пожар, во ист стил е и пораката што се добива и во случај на поплави, на прогнози за силни врнежи, во случај на опасен чад од пожар, при снегови и сл, односно за секаква елементарна непогода, а во изминатите години се покажа како успешна алатка во Грција во информирањето и предупредувањето на граѓаните, но и на туристите.

– Шумски пожар во вашиот регион. Ако се наоѓате во населбата Дионисос, оддалечете се кон Дросија и Кифисија преку булеварот Дионисос. Следете ги упатствата на властите, гласеше пораката за големиот пожар во близина на Атина во август минатата година.

-Предупредувачка порака за опасни временски појави (силен ветер) во следните 12 часа во вашиот регион. Ограничете ги вашите движења на апсолутно неопходни и следете ги упатствата на властите, беше пораката испратена кон крајот на ноември 2023 година.

– Предупредување за многу интензивни врнежи од снег во вашиот регион во следните часови. Избегнете секакви непотребни движења. Следете ги упатствата на властите, пишуваше во пораката од јануари 2022.

Затворете ги сите прозорци и врати. Избегнете излегување. Пожар во фабрика за пластика во вашиот регион, опасен чад. Вдишувањето чад може да биде опасно, предупредија од цивилната заштита на Грција во август 2020 година.

Предупредувачките пораки корисни и за туристите

Пораки од 112 за евакуации на населени места имаше и во изминатите денови за низа пожари на различни локации во Грција, а еден од нив пред десет дена беше и шумскиот, на вториот крак на Халкидики, каде што превентивно беа евакуирани сите што се во наоѓаа во регионот на Вурвуру.

– Шумски пожар во областа Ливари и Вурвуру во општина Ситонија. Доколку сте во областа, оддалечете се кон Никити. Следете ги упатствата на властите, беше пораката што ја добија сите оние што се наоѓаат во близина, односно жители на регионот и туристите, кои беа на одмор на вториот крак.

Меѓу посетителите имаше и голем број македонски туристи, но и деца од Скопје кои летуваа со спортски клуб, а наша туристка и загрижена мајка на тинејџер во разговор за МИА го пренесуваат нивното искуство.

-Одеднаш добивме алерт со текст (известување проследено со силен звук и говор на грчки и на англиски) на сите уреди што ги имавме (телефон и таблет). Известувањето беше дека има пожар во област во близина на Вурвуру и сите туристи што се наоѓаат таму да ги земај најнеопходните работи и веднаш да се упатат кон Никити (најблиско гратче). Во текот на целиот тој ден и во ноќта одеа неброено многу противпожарни возила кон местото, полиција, а забележавме и најмалку пет канадери како полнат вода и се упатуваат кон пожарот, вели туристката.

Од друга страна, мајката чиј малолетен син во моментите кога избувна пожарот бил со спортскиот клуб Полар на летување во Вурвуру, за МИА посочува дека по добиената порака, била експресна реакцијата на тренерите и децата безбедно биле пренесени на локација далеку од огнените јазици.

– Сите добиле порака со известување за пожарот и предупредување да бидат подготвени за евакуација. Јас од Скопје не можев ништо да направам, но затоа искусните тренери постојано нè информираа за сè што се случува таму и ситуацијата со пожарот. Без паника, децата ги однесоа на подалечна плажа за да не гледаат и дишат чад. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на присебноста и професионалноста. Само сакам да додадам дека и од она што нè информираа, но и од луѓе што беа тој ден на одмор во Вурвуру, сите се воодушевени од брзото справување на грчките служби со огнот. Велат дека дотогаш немале видено толку канадери и хеликоптери за гаснење на едно место, вели нашата соговорничка.

Пораките со предупредувања помогнаа и во евакуација на илјадници туристи на островот Родос за време на големиот пожар пред две година, но корисни се и за Грците.

Оние со кои поразговара МИА објаснуваат дека не секогаш имаат време и можност постојано да ги следат медиумите, ниту пак самите да проценуваат дали и колку е блиску пожарот до нивните домови.

Затоа, веќе знаат дека во случај на опасност, ќе добијат порака од 112.

Во јули 2022 година во близина на Атина имаше големи пожар што брзо се ширеше кон населбите во северниот дел на градот.

Жител на една од тие населби, за МИА вели дека пораката што ја добил му помогнала да сфати дека пожарот се доближува до неговиот дом.

– Пораките се многу корисни бидејќи те предупредуваат и нема потреба постојано да мислиш до каде е пожарот и дали си во опасност. Тогаш, од прв момент го следев пожарот, се гледаше каде гори, видов уште во попладневните часови како да се приближува, а час и половина по полноќ дојде и првата порака од 112 и тоа во исто време кога почнав да се загрижувам дека можеби е премногу блиску до мојот дом. Првата порака беше да бидеме во состојба на готовност, а втората за евакуација. Тогаш, веќе немав дилеми, го напуштив домот и отидов во друга населба, далеку од пожарот, вели жителот на Атина.

Да постоеше и да функционираше 112 во пожарите кај Мати во 2018 година, можеби немаше да загинат над 100 лица

Во пожарите кај Мати во источниот дел на областа Атика, поширокиот дел на Атина, на крајот на јули во 2018 година, животот го загубија 104 лица.

Голем дел од нив живи изгореа откако се заглавиле во нивните автомобили или во обид низ тесните улички да најдат излез кон морето.

Други пак, не успеале да ги напуштат домовите, трети не знаеле на која страна да бегаат.

Пожарот ненадејно го промени правецот и поради ветерот брзо и неочекувано стигна до дворовите на куќите, а граѓаните немаа никаква информација, ниту колку и дали е блиску до нив.

Со оглед на тоа што станува збор за приморско место, меѓу загинатите, но и меѓу повредените имаше и странски државјани – туристи во Атина.

Голем дел од преживеаните кусо по пожарот, за грчкиот медиуми, но и за МИА коментираа дека немале никави информации, никакви инструкции, никаква помош.

Доста често во Грција се поставуваше прашањето, дали, доколку тогаш постоеше и функционираше 112 ќе се избегнеше толкава трагедија.

Десет од 21 обвинет се прогласени за виновни за катастрофалните пожари во јули 2018 година во населбата Мати во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во кој загинаа 104

За време на првостепеното судење за пожарите, обвинителот Панајотис Манијатис нагласи дека недостатокот на систем за информирање на граѓаните „имал одлучувачко влијание врз толку многу смртни случаи и повредени со изгореници“, додека пак министри од актуелната грчка Влада неколкупати во минатото посочуваа дека ако постоеше 112 тогаш, ќе се спасеше најмалку еден човечки живот.

За време на пандемијата и карантините премиера за 112

Воведувањето на бројот 112 беше една од предизборните заложби на актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис во 2019 година, особено по овие катастрофални пожари, а пет месеци по доаѓањето на Нова демократија на власт, бројот за итни случаи бепе и официјално промовиран и почна да функционира на почетокот на 2020 година.

Првично функционираше само за повици од граѓаните, а подоцна, за време на пандемијата и карантините, граѓаните ги добија и првите пораки, што се однесуваа на мерките за Ковид-19, на ограничувањата за граѓаните и сл.

Една година подоцна, во текот на летото во 2021 година за време на големите пожари во различни делови на Грција беа испратени низа пораки за евакуации.

– Една инвестиција што ја направивме, која очигледно се исплати, е зајакнувањето на бројот за итни случаи 112, што значи дека сега можеме да испраќаме насочени пораки до сите мобилни телефони во земјата, без разлика дали им припаѓаат на Грци или на туристи, давајќи им многу јасни упатства што да прават во случај на природна катастрофа. Ова е релативно евтина технологија што може лесно да се имплементира, истакна Мицотакис за време на учеството на конференцијата за климатските промени.

Back to top button
Close