Сибиха ги повика ЕУ и САД да воведат построги санкции кон Русија по ноќешните напади врз повеќе градови во западна Украина
Шефот на украинската дипломатија, Андриј Сибиха, побара од Европската Унија и САД веднаш да воведат нови построги санкции кон Русија, откако Москва ноќеска изведе масовен напад со ракети и беспилотни летала врз повеќе украински градови во западниот дел на земјата, јавија украинската агенција Униан.
„Западните градови Черновци, Л’вов и Луцк беа особено тешко погодени, а погодени беа и други региони“, напиша Сибиха на социјалната мрежа X, нагласувајќи дека руските напади секојдневно погодуваат станбени области, при што убиваат и повредуваат цивили.
Според шефот на украинската дипломатија, Русија ги користи приходите од извозот на нафта за финансирање на „фабриката на смртта“.
Тој ги повика партнерите во ЕУ и САД „итно“ да го усвојат 18-тиот пакет санкции и американскиот закон Греам-Блументал, со цел целосно да се негира финансирањето на „руската воена машинерија“.
„Во интерес на нашите партнери е што поскоро да ја нападнат оваа фабрика на терор со нови силни санкции“, рече Сибиха.
За време на рускиот напад, беа погодени голем број градови, вклучувајќи ги Л’вов, Харков и Черновци.
Во Л’вов беа оштетени станбени згради, додека во Харков беа регистрирани десет напади, вклучувајќи две водени воздушни ракети (КАБ) и осум беспилотни летала.
Три лица се повредени, објави градоначалникот Игор Терехов.
Во Черновци, две лица беа убиени, а четири беа сериозно повредени откако остатоци од непријателски ракети паднаа врз населено место, изјави локалниот функционер Руслан Запаранјук.