Севернокорејскиот лидер ја потврди својата поддршка за Русија во војната против Украина
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вчера се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во пристанишниот град Вонсан.
Ким му рекол на Лавров дека „имаат исти ставови за сите стратешки прашања“ и оти Пјонгјанг е „подготвен безусловно да ги поддржи и охрабри сите мерки преземени од руското раководство во однос на справувањето со коренот на украинската криза“, пренесе ДПА повикувајќи се на КЦНА.
Москва и Пјонгјанг потпишаа стратешко партнерство во 2024 година за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Северна Кореја. Договорот вклучува воена помош доколку една од двете земји биде нападната.
Северна Кореја ја поддржува руската војна против Украина со испорака на оружје и војници на Москва. Севернокорејски војници исто така се испратени во западниот руски регион Курск, со цел да ги освојат деловите од регионот што ги зазедоа украинските трупи. Според проценките на украинската разузнавачка служба, вкупно околу 14.000 војници од Северна Кореја се бореле на овој дел од фронтот.
Украина се брани од руска инвазија од февруари 2022 година.