Истрага за двајца соизвршители за убиството во Батинци, едниот е уапсен
Основното јавно обвинителство Скопје денеска повело истрага против две лица осомничени дека се соизвршители на убиството од 11 јули во селото Батинци кога беше лишен од живот Агим Муареми.
Идентификувано и уапсено е лицето сопственик и возач на автомобилот во кој биле сторителите на убиството, а продолжува потрагата по убиецот – првиот осомничен.
Државното јавно обвинителство попладнево соопшти дека на 11 јули во селото Батинци осомничените заедно и по претходен договор, со умисла го убиле Муареми, а притоа го довеле во опасност и животот на неговата ќерка.
-На наведеното место пристигнале со автомобил „опел астра” со кој управувал вториот осомничен, додека првиот осомничен и уште две засега непознати лица биле сопатници. Со возилото го пресекле патот на автомобилот „КИА соренто“ во кој биле оштетените. Првоосомничениот со огнено одружје – пиштол испукал пет куршуми кон сега починатиот и неговата ќерка, притоа нанесувајќи му на оштетениот две огненострелни рани во градниот кош и заканувајќи се дека ќе им го убие целото семејство, информира ЈОРСМ.
Жртвата Муареми успеал да излезе од возилото со цел да спречи убивање или грабнување на неговата ќерка и тргнал кон напаѓачите, а тие веднаш влегле во нивниот автомобил и избегале. Ќерката повикала роднини кои го пренеле татко ѝ во болница, но тој таму им подлегнал на здобиените повреди.
-Наредбите издадени од јавниот обвинител до овој момент резултираа со идентификување на лицето сопственик и возач на автомобилот во кој биле сторителите. Тој е лишен од слобода и денеска беше изведен пред судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, каде јавниот обвинител предложи да му биде определена мерка притвор. Потрагата за првиот осомничен продолжува, а јавниот обвинител издава наредби за идентификација и на другите засега непознати лица инволвирани во настанот, се наведува во соопштението од Обвинителството. х