Владата ги отфрла обвинувањата од родителите на жртвите од Кочани: „Злоупотребата на болката не носи правда“

По јавното обраќање на родителите на трагично загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од Владата реагираа со соопштение во кое ги отфрлаат како неточни наводите дека средбата со премиерот била понижувачка и нечовечна.
„Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотреба на трагичната судбина. Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив, дури и кога ќе има различни мислења“, велат од таму.
Во соопштението се нагласува дека средбата од 7 јули не била прва, ниту последна, и дека премиерот Христијан Мицкоски лично им изразил сочувство на сите присутни, со серија приватни гестови и разговори кои, според Владата, не сакаат да бидат предмет на јавна дискусија од етички причини.
„Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не ја одразува вистинската дискусија и е навредливо. Намерите и постапките на Владата не се нечовечки – тоа е неточно“, се додава во реакцијата.
Од Владата нагласуваат дека болката од трагедијата не е само на семејствата, туку и на целата држава, и уверуваат дека остануваат посветени на поддршката и грижата за родителите.
„Ќе се бориме за правда и ќе останеме потпора на семејствата, со конкретни дела. Апелираме трагедијата да не се користи за сензационализам или за донесување осуди врз основа на гнев“, порачуваат од Влада.