Каде оди светот

Каде тргна Земјената топка? Како да се врти околу некоја замислена оска на лични интереси на големите сили. Денешната светска геополитичка состојба влегува во фаза на потенцијално разгорување на Трета светска војна.

Изминаа цели 80 години од завршувањето на крвавата Втора светска војна. Загинаа повеќе од 50 милиони недолжни луѓе и за прв пат во историјата се појави геноцидот како масовен систем на етничко чистење на еврејскиот етникум од планетата Земја.

Денес, повторно се водат сериозни војни. Руско-Украинската војна во Европа и Израелско-Палестинската војна во Мала Азија се големи воени жаришта од каде само една искра може да го запали целиот свет.

Живееме во ера на сериозен технолошки напредок. Во поново време вештачката интелигенција зема сериозен залет во сите можни сфери и освојува. Истата може да биде многу погодна за напредокот на човештвото, но истовремено и многу погубна.

Светските веле -сили како САД, ЕУ, Русија и Кина се во фаза на сериозна воена подготовка за можно избувнување на Трета светска војна.

Зголеменото финансиско учество на членските на НАТО предизвика сериозни размислувања и оправдан страв кај земјите кои не се членки на НАТО, а се чувствуваат сериозно загрозени од оваа воена организација.

Наместо финансиските средства да се користат за добросостојбата на човештвото и поединците, тие ќе се користат за негово уништување. Светот како да оди во рикверц. Технолошки напредуваме но хуманистички се уназадуваме.

Иронија е што клучните личности кои ја креираат светската политика на САД, ЕУ и Руската федерација се избрани на тие функции од многу мал процент на севкупното човештво од Земјината топка. Ако претседателот на САД Трамп, ја доби функцијата со поддршка на 80 милиони гласачи, ЕУ заедницата со 120 милиони гласачи и Руската федерација со неполни 40 милиони гласачи, се доаѓа до заклучок дека од неполни 250 милиони гласачи зависи судбината и иднината на севкупното човештво, кое денес е близу 9 милијарди жители.

Прашање е дали демократските системи во светот се функционални во интерес на севкупниот напредок на човештвото. Очигледно дека нешто не е во ред во политичките системите имплементирани од луѓе коишто немаат чувство за човечност. Од една страна задоволен сум што доживеав да ги почувствувам придобивките од вештачката интелигенција, доколку се користи во интерес на севкупното човештво. Тогаш бенефитот ќе биде голем. Од друга страна, стравувам вештачката интелигенција да не се искористи во воени цели, како што се искористи и формулата на Ајнштајн за атомска бомба. Па самиот научник на времето има изјавено дека стравува од можните штетни последици на брзиот технолошки развој кој ќе му донесе на светот идиоти. Тогаш е неминовно иднината на целото човештво и на самата Земјина топка да бидат доведени во прашање за опстанок. Предноста на употребата на вештачката интелигенција е во тоа што во неа не владее деструктивниот порив, сѐ додека човекот не создаде такви деструктивни машини. Вештачката интелигенција треба рационално да му е услужна на човекот.

Имам чувство дека суетните светски политичари, чии одлуки значат или мир или војна во светот, не ја користат вештачката интелигенција за добросостојба во светот.

Денес се врши отворен геноцид врз Палестинците во појасот Газа, поддржан од најсилната држава во светот. Нехумано е некому појасот Газа да му служи како монденско летувалиште по цена на истребување на еден народ. Неразумен е и фактот што ЕУ и САД продолжуваат со испорака на софистицирано воено оружје на Украина со кое актуелниот претседател на Украина Зеленски сака да ја гаѓа Москва. Не разбирам, во ера на вештачка интелигенција како додадена вредност, во светот владеат луѓе кои ниту ја познаваат, ниту почитуваат. Или така им одговара. Да, со софистицираното оружје ќе се погодат Москва и Санкт Петербург, но истовремено ќе страдаат и главните градови на ЕУ и САД. Софистицирано.

Кому му треба војна која светот го води кон самоуништување. Само болен, суетен и граблив интерес може да биде повод за војна. Земјата треба да се врти околу Сонцето, а не да ја вртат бескрупулозни интереси. Сакам МИР за сите во целиот свет!

Трифун Костовски

Back to top button
Close