Владината одлука за поништување на листата на кандидати за судија во ЕСЧП е нетранспарентна и правно спорна
Владината одлука за поништување на листата на кандидати за судија во ЕСЧП е нетранспарентна и правно спорна, реагираат од Блупринт групата за реформи во правосудството.
Во продолжение нивното соопштение:
,,Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост за одлуката на Владaта на РСМ со која се поништи листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (во понатамошниот текст: ЕСЧП) и донесе одлука за основање на нова комисија за одново повторување на постапката за избор на кандидати.
Имено, постапката за избор на судија во ЕСЧП започна во март годинава кој процес го водеше Министерството за надворешни работи и надворешна трговијакој за жал повторно мора да констатираме дека беше целосно нетранспарентен особено што не се јавно објавени биографиите на кандидатите како би можела јавноста да се запознае со нивната стручност, професионалност и интегритет за оваа висока и важна позиција во Судот. . Исто така, особено загрижува тоа што повторно се соочуваме со непочитување на правилата и тоа што постапката не е целосно спроведена. Имено, во Одлуката за основање на комисија за избор на кандидати на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права[1] е пропишана постапката за избор. Во истата одлука е наведено дека Комисијата распишува оглас за избор на кандидати, спроведува постапка за избор, доставува предлог за избор на 3 кандидати до Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа за обезбедување на мислење од аспект на тоа дали кандидатите ги исполнуваат критериумите пропишани од Совет на Европа, а по добиеното мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, Комисијата доставува предлог листа на 3 кандидати до Владата на РСМ. Откако Владата ќе ја усвои оваа предлог листа, Комисијата е должна истата да ја достави до Парламентарното Собрание на Совет на Европа.
Во таа насока, со оглед дека не е добиено мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, а Владата донесен одлука за поништување на предлог листата без никакво образложение останува нејасно и сомнително зошто Владата има донесено таква одлука која целосно го поткопува принципот на владеење на правото, а воопшто не даде образложение на истото. Имено, се поставува прашањето на кој начин Владата утврди дека тројцата кандидати не ги исполнуваат условите и критериумите предвидени во јавниот оглас и во правилата на Советот на Европа, со оглед дека токму Комисијата формирана од самата Влада претходно спроведе постапка и интервјуа и утврди листа од тројца кандидати кои ги исполнуваат сите предвидени критериуми.
Овој потег на Владата го доведува во прашање легитимитетот на постапката, но уште поважно, укажува на, нетранспарентно и потенцијално политизирано мешање во процесот кој мора да биде стручен, непристрасен и базиран на јасни критериуми. Во демократска држава, особено при избор на судија во еден од најважните меѓународни судови за заштита на човековите права, владеењето на правото, транспарентноста, и почитувањето на процедурите мора да бидат водечки принципи. Одлуки донесени без образложение, спротивно на правилата и надвор од пропишаната процедура го нарушуваат меѓународниот углед на државата и не го обезбедуваат легитимитетот на избраниот кандидат.
Правилата на Советот на Европа кои се однесуваат на изборот на судија во ЕСЧП се детално прецизирани и меѓу другото бараат:
– повикот за кандидатури треба да биде јавен и широко распространет;
– треба да се овозможи разумен период за поднесување на апликации
– секое отстапување од препораката на телото за селекција треба да биде оправдано со упатување на критериумите за утврдување на листите на кандидати
Изборот на судија во ЕСЧП не е политичка одлука, туку тест за правна зрелост и демократски капацитет. Република Северна Македонија мора да покаже дека може да го спроведе овој процес на начин што ќе ја заштити стручноста, легитимитетот и довербата на јавноста. Оттука, Одлуката на Владата на РСМ, директно се коси со овие правила, особено ако ја потенцираме праксата на Советот на Европа која во 2021 година отфрли список од процедурални причини, имајќи предвид дека националната постапка за избор беше во голема мера доминирана од претставници на владата.[2]
Сметаме дека на овој начин не само што се дискредитираат кандидатите од предложената листа за судија во ЕСЧП, туку се дискредитира и работата на самата Комисија која беше составена од претставници од правосудството и се фрла сомнеж дека и при ваква транспарентна и селективна постапка спроведена на ефикасен начин сепак Владата без конкретно и јасно објаснување не прифаќа предложени кандидати за судии. Со овие одлуки на Владата на РСМ дополнително се поткопува и така кревката доверба на граѓаните во правосудството особено за ваков битен процес за номинирање на кандидати за судија во ЕСЧП.
Сметаме дека е потребно објаснување за ваквото постапување односно за носење на одлуки со кои се фрла сомнеж за притисоци и влијанија кои негативно влијаат на принципите на владеење на правото и правната држава.
Како група која подолго време ја следи работата на правосудството во целина, потенцираме дека почитувањето на законите и постапките кои се предвидени согласно законските регулативи треба да бидат единствен императив и стандард преку кој се гарантира владеење на правото.
Блупринт група за реформи во правосудството
– Институт за човекови права (ИЧП)
– Институт за европска политика (ЕПИ)– Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
– Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
– Хелсиншки комитет за човекови права
– Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)”.