И вечерва протести низ Србија
Нови протести се одржуваат низ Србија и вечерва, на повик на студентите во блокада,
Во Белград голем број граѓани се собраа на протест пред Владата на Србија, а поддржувачи на Српската напредна странка (СНС) се собраа во блиските партиски простории.
Протести има и во околу 20-на градови низ државата. Во најголем број од тие градови е распоредена жандармеријата во обид да спречи насилства.
Претседателот на државата Александар Вучиќ вечерва изјави дека има мал број луѓе на улиците, особено во Белград, но и низ цела Србија, и истакна дека луѓето не сакаат насилство.
Вучиќ, во гостување на РТС, рече дека граѓаните знаат дека одлуките се носат на избори и изјави дека изборите ќе се одржат кога надлежните институции ќе одлучат.
„Изборите ќе бидат пред законскиот и уставниот рок. Тие рокови ќе истечат напролет 2027 година. Дотогаш, надлежните институции ќе одлучат кога ќе се одржат… Немојте да се изненадите и да кажете дека изборите се прерано“, рече Вучиќ за РТС.
Тој рече дека домашната економија исто така расте помалку отколку што треба, „поради неодговорното однесување на дел од политичката елита и немирите што некој намерно ги предизвикува“.
„Да не бидеме наивни, тоа е предизвикано главно однадвор“, рече Вучиќ.