Полицијата употреби палки против наставниците кои протестираа во Мадрид

Протестот на наставници против образовната политика на регионалната влада во Мадрид денеска ескалираше во судири со полицијата.
Стотици демонстранти денеска ги блокираа влезовите на палатата Сантоња во центарот Мадрид, каде што се одржуваше настан на кој учествуваше премиерката на автономниот регион, Изабел Дијаз Ајусо. Полицијата презеде мерки против демонстрантите за да обезбеди пристап до зградата. На снимките се гледа како полицијата ги турка и ги удира со палки наставниците кои мирно протестираа.
Ајусо го обвини шпанскиот премиер Педро Санчез и „антидемократската левица“ за организирање „стратегија на лично и институционално вознемирување“ против неа.
Додека околу 200 наставници го блокираа автопатот А-3 на периферијата на Мадрид користејќи училишни клупи и столчиња, што го наруши сообраќајот. Протестот траеше околу еден час.
Наставниците во Мадрид, но и во Валенсија и во Каталонија почнаа неограничен штрајк поради лошите работни услови, ниските плати и недоволното финансирање на јавното образование.






