Дали со задолжувањата во ЈПДП се дува балон што може да пукне – прашање до министерот за транспорт

360°: За изградбата на автопатите Охрид-Кичево и оние од „Бехтел и Енка“, но низ призмата на финансиската кондиција на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Јавно е достапен извештајот за финансиското работење на ЈПДП само за првиот квартал за оваа година. Има законска обврска – максимум 30 дена по истекот на кварталот да се објавува финансискиот извештај, поминат е кварталот – 30 јули би бил конечниот рок за тоа, но не е објавен финансискиот извештај. Дали можеби знаете зошто?
Николоски: Ќе позборувам со директорот Коце Трајановски да видам дали се работи само за некоја техничка грешка. Инаку, имајќи предвид дека со директорот Трајановски сме на дневна основа во координација буквално секој ден или се слушаме или се гледаме, јас многу добро ги знам состојбите во ЈПДП и мислам дека можам да одговорам на секое прашање.
360°: Зошто ве прашувам ова, токму во текот на вториот квартал, на 2 јуни, е седницата на Владата на која носите одлука со која одобрувате државни гаранции за две задолжувања, кај домашни комерцијални банки – 140 милиони евра за „Бехтел и Енка“ и 176,5 милиони евра за Охрид-Кичево. Со оглед на тоа што ЈПДП има и претходни долгови – се дува ли таму еден балон којшто може да пукне во еден момент?
Николоски: Па, зависи како ги гледате работите. Значи, инвестициите коишто сега ги правиме ние во патна инфраструктура, не ги прави само ЈПДП – на хартија ги прави ЈПДП, но во суштина ги прави целата држава, ги прави целата влада.
360°: Ама тука има малку математика, вие на пример „Бехтел и Енка“ ги извлековте од буџетот и тоа ви остава 140 милиони евра повеќе оваа година од буџетскиот дефицит да го користите за друго.
Николоски: И тоа се проекти коишто се столетни проекти, стогодишни проекти. Тоа не се проекти коишто се прават секоја година. Ние нема 10 автопати да градиме кон Охрид, ние нема 10 автопати кон Гостивар или кон Битола да градиме, тие се коишто ќе се изградат сега. И природно и нормално е да се очекува дека нема целокупното финансирање на тие проекти да оди само од Јавното претпријатие за државни патишта, туку дека свој дел ќе има и буџетот на државата затоа што се огромни проекти.
360°: Е сега, логично е да прашам – зошто тогаш требаше да го извадите од буџетот и да го однесете кај ЈПДП? За да не ви се мери во дефицитот.
Николоски: Ако се префрлиме на „Бехтел и Енка“, тоа е сега веќе друго прашање. Тоа е прв и единствен проект којшто се работи во Македонија без обезбедено финансирање. Секогаш досега сите влади, немам тука забелешка на ниедна претходна влада, прво се обезбедувало финансирање, па се избирал изведувач или во најмала рака паралелно оделе двата процеси, се избирал изведувач и се обезбедувало финансирање, но кога ќе се почнело да се работи, веќе финансирањето било обезбедено и било предвидливо од кои извори ќе се финансира. Проектот за автопатите Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Прилеп-Битола и Требеништа-Ќафасан е почнат без обезбедено финансирање. Со една несреќна реченица во законот каде што пишуваше дека финансирањето ќе биде и од буџетот на државата и ние решивме тоа да го коригираме, буџетот на државата остана, но го ставивме како финансиер и Јавното претпријатие за државни патишта, за тоа што требало претходната влада да го направи пред да почне, ние да го правиме откако почна. Ние сега работиме секоја година, буквално на обезбедување финансирање за овој проект што секако е многу полошо отколку тоа да било направено од претходната влада на СДСМ и ДУИ пред да почне да се работи проектот и ќе се сложите сите коишто се осврнати на јавност со финансирање коешто е понеизвесно. Затоа што едно е вие да имате на почеток обезбедено финансирање извор, друго е секоја година да го барате.
360°: 140 милиони за оваа година се од комерцијални домашни банки, така?
Николоски: Обезбедивме 103 милиони евра од буџетот и 140 милиони евра од домашните пет најголеми комерцијални банки, вкупно годинава ќе потрошиме 243 милиони евра за изградба на автопатите.
360°: Ама ќе бидете фер да кажете зошто не ги оставивте и тие 140 милиони да си бидат од буџетот?
Николоски: Затоа што во рамки на делот на капитални инвестиции толку е просторот.
360°: Да, ама вие си ослободивте практично 140 милиони евра за други работи.
Николоски: Па, не гледам како сме ги ослободиле ако ги немало.
360°: Ако останеше „Бехтел и Енка“ да биде во рамките на буџетот, тогаш ќе имавте помалку 140 милиони евра за други инвестиции.
Николоски: Тогаш ќе се работеше на „Бехтел и Енка“ помалку 140 милиони, затоа што вие не можете буџетот да го тегнете колку вас ви одговара, има јасни правила колку е дефицитот на буџетот, колку се капиталните инвестиции, како се планираат капиталните инвестиции и така натака.
360°: Но, самиот велите дека ЈПДП нема да може само да ги враќа кредитите, на крајот тоа пак ќе се врати на товар на буџетот.
Николоски: Во однос на враќањето на кредитите во овој момент ЈПДП само си ги враќа кредитите. Како тоа ќе се одвива 10-15 години од сега ние можеме да претпоставуваме, имаме одредени претпоставки коишто ги работиме со директорот Коце Трајановски, но дел од кредитите е очекувано да ги враќа и буџетот и нема ништо спорно во таа работа.
360°: Достапни се податоци заклучно со прв квартал, за мене барем јавно достапни, јас немав увид во извештајот за вториот квартал – и според нив, ЈПДП имало околу 1 милијарда евра кредитни обврски, 972 милиони плус околу 224 милиони евра обврски кон добавувачи – тоа е состојба пред новите летни задолжувања овие што ги спомнав. Во меѓувреме вие на 2 август давате и нова гаранција за ново задолжување од околу 40 милиони евра за ЈПДП. Го гледав и ревизорскиот извештај, „Мур Стивенс“ го прави секоја година за ЈПДП, таму има констатации коишто не одат во насока на ова што вие го зборувате – вели на 31 декември 2025 година тековниот коефициент на друштвото изнесува 0,7, што е под пропишаното минимално ниво од 1, со што не е исполнето барањето за адекватен тековен коефициент, исто така соодносот за сервисирање на долг на друштвото изнесува 0,9, што е под пропишаното минимално ниво од 1, со што не е исполнето барањето за адекватен тековен коефициент, што е индикација дека ЈПДП тешко може да ги сервисира обврските.
Николоски: Доаѓаме пак на почетокот на одговорот, ЈПДП не е приватна компанија за којашто…
360°: Вие пред малку рековте може само да ги сервисира…
Николоски: Јавно претпријатие се вика, не се вика приватно претпријатие, не е акционерско друштво. Инвестициите коишто се прават не се само од крајно бизнис-карактер туку се од стратешки државен карактер и нормално е дека буџетот ќе помага на Јавното претпријатие за државни патишта како што ќе помага и на јавното претпријатие „Железници – инфраструктура“, како што помага и на „Железници – транспорт“ затоа што тоа се државни претпријатија коишто работат во корист на државата.
360°: Е сега, тука ако влеземе во друг сегмент од истата дебата, тие 350 милиони кои се позајмени од домашните банки практично се ускратени пари за други трансакции на банките.
Николоски: Па, домашните банки беа многу расположени, јас многу долго слушав, тоа не доаѓаше до мене, но слушав во јавноста – сепак се занимавам со јавен живот – дека домашните банки, пред сè големите, реагираат зошто не работиме проектно финансирање со домашни банки, зошто работиме само со странски, и решив во соработка со министерката за финансии Димитриеска-Кочоска и со директорот Коце Трајановски да им направиме една презентација што сè ЈПДП планира да работи во годините коишто се пред нас, и да прашаме каде тие мислат дека можат да се вклопат. И еве оваа година се вклопија идеално и, ако мене ме прашувате, подобро финансирањето да оди од домашни банки отколку од странски затоа што тоа финансирање на крајот на денот е продукт за којшто ние плаќаме, каматата е тоа што го плаќате како надомест за услугата за продуктот, подобро да остануваат парите во Македонија отколку да одат надвор.
360°: Може да ги кажете начелно условите еве за кредитот за „Бехтел и Енка“ од 140 милиони евра?
Николоски: Да, да, ги знам на памет. Значи, таму имаме три години грејс период, девет години рок на отплата, 12 години вкупно, фиксна каматна стапка 3,95 %. Исто е и за Охрид-Кичево. Истите услови се. Многу е битно дека каматната стапка е фиксна.






