Ревизија: Истанбулската конвенција останува на хартија – системот за заштита на жените жртви на насилство неефикасен
Мерките и активностите на надлежните институции во државата не обезбедуваат доволна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство, покажува ревизијата што ја спроведе Државниот завод за ревизија (ДЗР).
И покрај тоа што земјава во 2017 година ја ратификуваше Истанбулската конвенција и изготви акциски план со 52 активности за периодот 2018–2023 година, констатирано е дека до денес значаен дел од обврските не се исполнети, системот за заштита останува недоволно развиен, а бројките за жртви и сторители на семејно насилство покажуваат загрижувачки континуитет.
Според ревизијата, во 2023 година мажите биле десетпати повеќе сторители на кривични дела поврзани со семејно насилство од жените, додека жените жртви биле четирипати повеќе од мажите. Податоците за периодот 2018–2023 година дополнително го потврдуваат истиот тренд:
регистрирани се 6.242 кривични дела, од кои 61% за телесна повреда и 35% за загрозување на сигурноста,
евидентирани се 6.423 сторители, од кои 91% мажи,
евидентирани се 6.663 жртви, од кои 79% жени.
Во истиот период биле забележани и 2.347 прекршоци, со речиси еднаков број на жртви мажи и жени, но мажите и тука доминирале како сторители.
Од 52-те предвидени активности од Акцискиот план, целосно се реализирани само 22, делумно 10, а останатите 20 останале нереализирани. По завршување на планот во 2023 година, не е донесена нова национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот.
Дополнително, програмата за реинтеграција на жртвите, донесена од Министерството за социјална политика, нема јасни цели, индикатори или дефиниран период, што го отежнува следењето и оценувањето на ефектите.
Според стандардите на Конвенцијата, земјава треба да располага со 184 легла за жртви на насилство во засолништа, но воспоставени се само 67, или 37%. Од нив, 48 се под управување на центрите за социјална работа, а 19 обезбедени од невладиниот сектор.
Исто така, потребни се најмалку 19 советувалишта, но моментално функционираат само 11. Територијалната распределеност е нерамномерна – во Југоисточниот и Североисточниот регион нема ниту едно легло во засолништа на Центрите за социјална работа, а НВО секторот покрива само дел од Скопскиот и Југоисточниот регион. Дел од веќе воспоставените засолништа и советувалишта не се во функција, а дел од објектите не ги исполнуваат стандардите за простор, опрема и кадар.
Дополнително, дел од здруженијата кои нудат специјализирани услуги за жртвите не се лиценцирани, а недостига систем за лиценцирање на СОС-линиите.
Во февруари 2023 година, Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција – родово базираното и семејното насилство беа криминализирани, казните за сексуално насилство зголемени, а фемицидот дефиниран како квалификуван облик на убиство.
Сепак, ревизорите посочуваат дека остануваат сериозни предизвици: психичкото насилство не е целосно криминализирано, гонењето за телесна повреда сè уште зависи од предлог на жртвата, а граѓанскиот сектор е недоволно вклучен.
Во 2021 година Владата формира Национално координативно тело за следење на спроведувањето на Конвенцијата. Но, ревизијата утврди дека тоа не ги извршува целосно своите надлежности. Не постои интегриран систем за евиденција на жртви, што го оневозможува собирањето точни и унифицирани податоци од сите институции и го попречува креирањето соодветни политики.
Заводот за ревизија препорачува Владата, Министерството за социјална политика, Министерството за здравство, МВР и Центрите за социјална работа да преземат итни активности за подобрување на состојбата. Меѓу препораките се: воспоставување функционален систем на засолништа и советувалишта, обезбедување доволен број стручни кадри, лиценцирање на сите специјализирани сервиси, како и донесување нова национална стратегија за спречување и заштита од насилство.
Податоците покажуваат дека и покрај усвоените закони и активности, реалната состојба на терен не се подобрува. Жените и понатаму се главни жртви, а мажите доминантни извршители на насилството. Потребни се поконкретни, поефикасни и системски мерки за вистинска заштита и поддршка, се наведува во заклучоците на ревизијат