Иво Босилков: Зелена Хумана Лага

Иво Босилков е политиколог и комуниколог, доктор на политички науки и професор по политичка комуникација на Универзитетот во Амстердам. Тој со години се занимава и со општествен активизам, а себеси се опишува како муниципалист. Босилков е еден од основачите на граѓанската платформа „Зелен хуман град“, која потоа ја напушти по локалните избори во 2021 година. Платформата сега собира потписи за да прерасне во политичка партија и во таа форма да настапи на претстојните локални избори кои ќе се одржат во октомври. Своите ставови во врска со „Зелен хуман град“ и напорите тој да се трансформира во партија, Босилков ги изнесува во обраќање кое го пренесуваме интегрално:

„Го основав „Зелен хуман град“ (ЗХГ) заедно со Драгана Велковска и Горјан Јовановски затоа што сфатив дека клучен предуслов за зацелување на ова болно општество е реимагинација на самата идеја за тоа што значи политика. Според идеологијата на муниципализам врз која ЗХГ беше формиран, таа реимагинација подразбира отфрлање на фокусот на фиктивните (етно)национални прашања и повторно поврзување на урбаната заедница преку радикална локализација на политиката.

Мојата визија за ЗХГ беше враќање на процесот на одлучување кај обичните луѓе, фрустрирани од сопствената импотентност да влијаат на околината, дезориентирани од лажните приоритети кои им ги сервира системот наречен централизирана држава-нација (од типот на ЕУ, НАТО и слични „сулуди“ агенди), и затруени од толкувањето на политиката како конфликт за воспоставување доминација над „другите“.

Со оглед на тоа што олицетворението на ова толкување и примарните агенти на овој систем се партиите, начинот за остварување на оваа парадигматска промена во пракса беше едноставна: сè што прават тие, ние ќе го правиме спротивното! Ова беше мојата едноставна стратегија за остварување на горенаведената визија – жестока дискурсивна и практична делегитимизација на општоприфатениот менталитет на трупање моќ и пари кај елитни центри, како лоцираниот корен на материјалната, духовна и интелектуална корупција, која незапирливо метастазира и води кон пропаст.

Се случи спротивното. Пред скоро четири години, вечерта на локалните избори во октомври 2021, по успешната „грасрутс“-кампања без ниеден потрошен денар народни или спонзорски пари, од блиска соработничка во ЗХГ добив порака: „Ќе доаѓаш да ги чекаме резултатите заедно со екипата?“. „Не“, кратко одговорив. Следуваше непријатна пауза, и потоа познатите три точки додека соговорникот пишува.

„Знаеш, поради ваквиот твој однос организацијата не ја следи твојата визија за нејзиниот развој. Не може да не бидеш дел од групната динамика и да очекуваш дека некој таму ќе ти верува“.

Но, како што често велиме во научниот жаргон, корелација не е каузација. Другарката погрешно го имаше разбрано причинско-последичниот однос, и во однос на конкретната ситуација, и за пошироката слика. Во однос на првото, причината што во тој момент не се придружив на „екипата“ беше што двајцата останати коосновачи на ЗХГ, кои тој ден станаа советници во Град Скопје, одлучиле дека „изборниот штаб“ ќе се наоѓа во просториите на т.н. Зелен институт, предводен од никој друг, туку екслидерката на ДОМ, Лилјана Поповска.

Фактот што ЗХГ во ваков клучен момент се вгнезди во седиштето на овој ноторен системски паразит и псевдоекологист беше симболична потврда дека Драгана и Горјан едноставно или немаат капацитет да го сфатат, или уште пострашно, немаат желба да го направат тоа што е потребно за еден ден да дојдеме до целта – длабока и суштинска промена во општество чиј фундаментален проблем е партизираноста. Во тој момент сфатив дека нивниот ЗХГ нема никогаш да стане нешто повеќе од само нова маргинална зелена пајтон-партија – ДОМ со друго име. Токму тоа е пошироката слика, која никогаш не беше сфатена ниту од политичките актери внатре во организацијата, ниту од нејзините гласачи.

Ако првите не можеа или не сакаа, време е вториве да разберат дека моменталната трансформација на ЗХГ во де јуре партија (по четири години де факто функционирање во таа форма во институциите) е конечното предавство на сите негови изворни идеали. Моите предвидувања за каузалните процеси кои ќе доведат до тоа предавство, за жал и формално се потврдија со ставањето печат на четири години пасивно, неинвентивно, генеричко, млако, бирократско, неамбициозно, кукавичко „делување“, типично за НВО-изираните зелени партии на денешницата, и срамно во услови на незапаметен колапс на општеството и животната средина.

Поентата на политикологијата како мое научно поле е предвидување на настаните врз база на емпириски докази од минатото. За жал, една од клучните национални карактеристики овде е отпор кон експертиза во секоја прилика кога таа го доведува во прашање постоечкиот модус операнди. Тоа секако важи и за политичкото милје, за што доказ е аверзијата кон ризик и тоталната незаинтересираност на декларативно единствената „антисистемска“ политичка организација да примени какви било методи неконвенционални за партиската политика, кои би ја разбуричкале оваа жабокречина од општествено-политичка реалност во која колективно тонеме, и би ја разбудиле најскапоцената доблест во оваа земја – надежта.

А такви методи и тоа како постојат, ама за нивно редовно и континуирано (не ад хок) применување е потребна храброст, креативност и пожртвуваност – три елементи кои на старо-новата зелена партија ѝ недостасуваат еднакво како и на сите други партии кои постојат сами за себе, а не за граѓанинот. Пред моето напуштање на организацијата очајнички притискав за тие методи, со кои би покажале дека функционираме на дијаметрално различно ниво од партиите – во суштина како самоорганизирани, автономни граѓани, на кои им е смачено од повикување на нефункционалните институции да проработат. Подолу се само некои од нив, и тие се познати и во теоријата и во праксата на зелените и прогресивни движења како директна акција:

– блокади на сечи и градби

– садење и ослободување од бетон на дрва

– чистење на јавни површини и речни корита

– поправка на распаднати јавни објекти

– градење на рампи за пристап на лица со попреченост

– слеани рабници на велосипедски патеки

– поставување самонаправена сигнализација и импровизирани лежечки полицајци за подобрување на безбедноста во сообраќајот

Накратко, сè што може да се направи од група обични луѓе со сопствени раце. Ама рацете на ЗХГ четири години служат само за кревање во совет, пишување досадни техничко-легалистички жалопојки на социјални мрежи и сувопарни „анализи“. „Ние сме активисти“ се претвори во паушална маркетиншка фраза наместо одраз на реалноста, а „немаме пари“ во изговор за неактивноста на терен. Вистински активисти во услови на недостаток на финансиски ресурси (кои и подобро да ги нема поради нивната инхерентна коруптивност) не нудат изговори, туку ги надоместуваат со човечки ресурси. Како? Со креативен труд во една единствена насока – окрупнување! Голем број луѓе можат да поместат планина за нула пари, ако веруваат и се надеваат.

Ама организацијата никогаш воопшто не се ни обиде да прерасне во масовно движење кое му е неопходно на ова општество. На тој начин се губи контролата и со тоа функционерските привилегии на „партискиот врв“. Затоа и се задоволува со трошките кои ќе ги добиваат секои четири години во форма на еден до два советника, јавајќи на бајатата морализаторска реторика „зарем не сакате чист воздух“, која знаат дека поминува кај малцинството добронамерни прогресивни гласачи, за кои ЗХГ е најмалку лошиот избор, а се згрозени од концептот на апстиненција како „недемократски“. Наместо да го употреби своето новостекнато институционално присуство како алатка за привлекување медиумско внимание, покривање на горенаведените вонинституционални активности и масовна регрутација на нови активисти, од ЗХГ добивме само прелевање на гласовите на ДОМ и „чао-пријатно“ до следните избори.

Трагедијата е во тоа што овие изигнорирани механизми за практична самоорганизација и граѓанска акција само ја гребнуваат површината на гревовите на ЗХГ. Концептот на помалото зло („гласање за најмалку лошата партија“) и извитопереното масовно сфаќање на демократијата како делегирање на моќ на елити беа двете глави на аждајата против која ЗХГ беше буквално создаден да се бори. Највисоката мисија на иницијативата секогаш беше не да дава предлози за инсталирање инвертери и мерни станици, туку да култивира поинаква демократска свест и да создава нова политичка култура.

Ама, како за усти полни директна демократија, ЗХГ нема абер што тој поим навистина значи. Нема организирање јавни дебатни форуми. Проектот „Агора“ за константен контакт со граѓани и интеграција на нивните барања во флуидна програма *одоздола*, наместо фиксна изборна програма со стеротипни ветувања *одозгора*, беше експресно напуштен по изборите во 2021. Немаше изградба на дигитална заедница каква што новите технологии овозможуваат, иако потенцијалот на „МојГрад“ како платформа за политичка интеракција, организирање и координација е буквално неограничен. Нема краудфандинг, нема петиции, нема ни еден проклет пост за апсурдноста на претставничкиот централизиран модел и неговата потчинетост на крупниот капитал.

Ама ако за сето ова се нема енергија меѓу избори, тогаш за политичката кариера на перјаниците на ЗХГ и тоа како има пред избори. Екипата е забревтана во кампањата за собирање потписи за формирање на партија како што не била од изборите 2021. На страна од хипокризијата на мантрање граѓанска партиципација, додека истовремено се промовира како решение истакнатите членови да станат децениски професионални политичари, ова на уште еден начин го репродуцира партискиот модел кој своевремено беше црвената линија која никогаш нема да се премине. И тој начин на кој го прави е најодвратниот, преку заштитниот знак на партиите – преку лажење.

Наводната потреба ЗХГ да стане партија е обична лага. Прво, како што кажуваат од ДИК до уставни експерти, прагот за потписи за независни листи нема да биде зголемен. Второ, дури и независните советници од Карпош ја отфрлија оваа замисла. Трето и најбитно – а бе, и да биде прагот зголемен, вие драги мои зелени хумани граѓани овие четири години требаше да засукате ракави според насоките погоре и досега да имате армија поддржувачи, кои во кој било момент можат да излезат да соберат колку и да треба потписи за што било, или да се појават на протест или да учествуваат во директна акција.

Целата хистерија дека „немало да може да се продолжи борбата“ и оттаму морало да се соберат потписи сега еднаш засекогаш за да се стане партија е само параван за мрзата и инертноста поради која едноставно сакате да се отарасите од предизвикот на константна работа со народ, и отсега натаму да си имате лабаво „драпање мадиња“ четири години и бесконечно ухлебување на пар луѓе во институции, шлепајќи се на истата приказна за чистиот воздух. А бе, ни чист воздух, ни бездомни кучиња, ни урбана мафија, ништо нема да се реши од овој систем без политичка револуција! И вие тоа совршено го знаете!

Како поранешен менаџер на изборна кампања, им предлагам на моите некогашни другари на првите избори како партија да настапат со слоганот „Подобро врапче во рака отколку гулаб на гранка“, бидејќи тој најдобро го отсликува тоа во што се претворија – малодушна, цинична збирштина која свесно одлучи да ја перпетуира актуелната агонија за сопствен бенефит. Во време во кое суровоста на капитализмот кулминира со катастрофи како Кочани, а ултранационализмот и авторитаризмот прераснуваат во фашизам, да се нарекуваш „зелен муниципалист“, а да немаш грам револуционерен дух и утопистички идеи, треба да си, па богами – партија“, пишува Босилков.

Back to top button
Close