Државата наместо „тивок убиец“ да се трансформира во заштитник на здравјето. Сега тоа не е
Ида Протугер
Ја користам приликата на отварање на пандорината кутија по изјавата на др. Кедев дека во приватните болници се оперира и кога не е потребно заради профит. Има многу муабети меѓу народот на таа тема врзана за непотребни интеревенции во приватните болници. Дел се веројатно предизвикани од незадоволство од исходот на пациентите, но дел можеби и вистина.

Ако лекар добива провизија или бонус според број на извршени интервенции, зависи исклучиво под неговата лична етика дали ќе посегне по Хипократовата заклетва.
Оваа т.н. кавга на темава не треба да заобиколи важен факт, дека јавното здравство е осакатено, а дел од законските решенија низ годините одеа во прилог на зајакнување на приватното. На пример, јас во Виена одам приватно во државната клиника и лекарот ми наплаќа легално фактура за неговите приватни услуги во работно време во јавната установа затоа што законот тоа го дозволува за да не се одлее кадар во приватното здравство. Кај нас во еден клучен период можеби, тоа не беше дозволено. Натаму, недостиг на лекови, лекари, потрошен материјал и лошо менаџирање со парите од Фондот не е никаква вина на приватните болници. Имам некој од најблиското опкружување кој мора да купува лек во соседна Србија за болест за кој државата мора да го има и даде. Но не се случува во пракса. И повторно, тоа не е вина на приватните болници.
Да се вратам на приликата за пишување на овој пост, а тоа е како да останеме здрави. Во Виена налетувам на разни плакати низ градот и пасија ми е да ги сликам, некогаш од естетски аспект, а најмногу бидејки сакам да видам што комуницира градот со жителите. Штом влезам во Македонија, ако не се избори, најголем број плакати се за услуги од приватни болници. Или коцкарници.
Во болница одиме кога ќе се појави симптом, па го лечиме. Но немаме здравници каде ќе добиеме информации и совет како да останеме здрави. Нам ни требаат очајно здравници. Во моментов ја дочитувам книгата Outlive na dr. Peter Attia, кој својата мисија ја трансформира од лечење, во консултации како човекот да остане здрав и да не стане пациент.
Зборува за медицина 2.0 која е лечење и тоа според податoци за просекот и се фокусира на животниот век, и медицина 3.0 која е фокусирана најмогу на превенција и се фокусира на квалитетниот живот во животниот век, на личноста и нејзините особености (генетика, навики, опкружување итн.).
Медицината 3.0 како што вели тој, бара свест за себе, одговорност за сопствениот живот, рефлексија за стресорите, навиките, симптомите, информираност врз база на податоци и базична медицинска писменост.
Читајќи ја, сфатив колку малку се посветувале ресурси на информирање околу факторите кои обезбедуваат квалитетен живот, без оглед на животниот век.
Колку пати државата ви пратила писмо дека имате годишен бесплатен преглед со сите потребни анализи и совет како да го одржите здравјето и на што да се фокусирате? Сте добиле ли писмо за бесплатна задолжителна мамографија, кожен лекар, очен лекар, гастро и колоноскопиија (по 50 година)? Тоа се стандарди во развиените земји, не луксуз.
Државата, односно Фондот е должен да направи стратешки план и обезбеди финансии тоа да го понуди како услуга за граѓаните. Вистинската дебата која треба да се води е тука, не минимизирајќи ја темата која ја отвара Кедев и е исто важна. Но исто толку е важно да се каже јавно дека државата, (Собранието кое ги носи законите, Владата која ги исвршува и судството кое треба да спроведува правда) е тивок убиец на граѓаните.
Дебата насочена кон решенија е да се види како тој тивок убиц, преку закони, менаџирање на буџетот и казнување за неодговорност, ќе успее да се трансформира во заштитник на здравјето на граѓаните. Бидејќи тоа не е.
А граѓаните да размислат два пати дали вреди и натаму да го оддржуваат овој систем – тивок убиец со глас даден за надеж за вработување или личен профит. Бидејќи тоа долгорочно е против нивното сопствено здравје и квалитет на живот