Подеста: Софија се сомнева дека ГПС сигналот на авионот на Фон дер Лајен при слетувањето во Бугарија бил блокиран од Русија
Можеме да потврдиме дека имало блокирање на ГПС сигналот на авионот со кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вчера допатува во бугарскиот град Пловдив, но и покрај тоа леталото слета безбедно, изјави денеска заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста.
– Добивме информации од бугарските власти дека се сомневаат оти ова се должи на очигледно мешање од страна на Русија. Секако, свесни сме и навикнати сме на заканите и заплашувањата кои се редовна компонента на непријателското однесување на Русија, истакна Подеста.
Портпаролката додаде дека овој инцидент само дополнително ќе ја засили непоколебливата посветеност на ЕУ за зајакнување на одбранбените капацитети и поддршката на Украина и ја потврдува итноста на мисијата што Фон дер Лајен овие денови ја спроведува во земјите членки на „првата линија“.
– Таа од прва рака ги виде секојдневните предизвици од заканите што доаѓаат од Русија и нејзините сојузници. Секако, по инцидентот ЕУ уште повеќе ќе продолжи да инвестира во трошоците за одбраната и за подготвеноста на Европа, додаде Подеста.
Портпаролката на ЕК за транспорт Ана-Кајза Итконен потсети дека во јуни годинава 13 земји членки на испратија писмо до Комисијата во кое посочија дека ваквите појави стануваат секојдневна практика и имаат сериозни влијанија врз поморскиот и воздухопловниот сообраќај, па затоа ЕУ во соработка со надлежните органи и давателите на услуги развива стратегии за да ги спречи овие настани.
– За да се справиме со ваквата ситуација санкциониравме неколку компании кои преземаа активности што влијаеја врз нашите земји членки, изјави Итконен, додавајќи дека тие неколку компании што се ставени под режимот на санкции се поврзани со Русија.