Флаваноидите во какаото благотворни против деменција

Пиењето какао може да го забави губењето на меморијата поврзано со возраста кај здравите постари возрасни лица, посочува ново истражување од Медицинскиот центар на американскиот Универзитет Колумбија во Њујорк. Испитувањата биле сосредоточени на дентатниот гирус – клучен дел на хипокампусот во мозокот, одговорен за функцијата на меморијата, којшто обично се намалува со возраста.

Во клиничкото испитување засновано на случаен избор, учесниците на возраст од 50 до 69 години, кои три месеци конзумирале пијалак од какао збогатен со флаваноиди, покажале зголемена активност во оваа област во мозокот и значителни подобрувања во меморијата. Некои дури покажале и способности за меморија слични на оние кај луѓе кои се десетлетија помлади.

Специјалниот напиток од какао ги зачувал природните флаваноиди коишто често се губат за време на редовната обработка на чоколадо – а, тоа всушност, го прави и поделотворен.

Флаваноидите, инаку, се наоѓаат и во чајот, овошјето и зеленчукот, но не сите извори обезбедуваат исти придобивки за мозокот. Истражувачите нагласуваат дека типичните чоколадни производи не треба да го заменат овој десерт поради нивната ниска содржина на флаваноиди и високо ниво шеќер. Ова откритие, според научниците, дава надеж дека исхраната може да го подобри здравјето на мозокот и да помогне во борбата против деменцијата кај повозрасното население.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close