Со законски измени подметнувањето пожар да се оквалификува како тероризам, бара премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека под итно треба да се донесат законски измени со кои подметнувањето пожар ќе се оквалификува како тероризам.

Од пожарот во објектот на фирмата за третирање електронски отпад во скопско Трубарево / Фото: Дирекција за заштита и спасување (ДЗС)

За ова, како што кажа премиерот одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Јегуновце, веќе разговарал со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски.

Покрај подметнувањето пожар да се третира како тероризам, Мицкоски рече дека измените за кои било разговарано треба помогнат и во решавањето на проблемот со дивите депонии, односно во нив да биде предвидено несовесното одлагање отпад да се казнува со затворска казна поголема од пет години.

„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите со коишто подметнување пожар ќе биде оквалификувано како дело на тероризам, а одлагање на смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело коешто ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“изјави Мицкоски.

Дополнително, премиерот рече дека уште во текот на вчерашниот ден Министерството за животна средина и просторно планирање испратило допис до сите општини под итно да преземат мерки за расчистување на дивите депонии и сметот да се одложи таму каде што му е место.

„А, јас ги повикувам и несовесните граѓани коишто ги формираат овие диви депонии да престанат да ги формираат затоа што сите оние коишто ќе бидат фатени ќе бидат најстрого казнети“кажа Мицкоски, одговарајќи на прашање дали кога доаѓал кон Јегуновце ги забележал дивите депонии кај Сиричино и дали владата планира да преземе нешто во врска со овој проблем.

Премиерот претходно изјави дека се идентификувани дваесетина лица за кои постои основано сомневање дека стојат зад пожарите што се случија во последниот период и ги повтори наводите за центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред избори

Back to top button
Close